Во повеќе од 12 години владеење, српскиот претседател Александар Вучиќ секој пат кога ќе се најде во некој проблем, со подсмев гледал на барањата кои му ги испраќала опозицијата, без оглед колку тие биле сериозни и артикулирани. Сега му се случува нешто што досега не доживеал: студентите кои протестираат и блокираат факултети ширум Србија го игнорираат, како да не постои.
„Кој те праша тебе за нешто?“, е бруталниот одговор на студентите на повиците за разговор кои претседателот Вучиќ ги упатува речиси секојдневно. Нивните барања се упатени до надлежните институции и од нив очекуваат одговори, а не од претседателот на Србија, и не гледаат зошто би се одазвале на неговите повици.
Нивните основни барања се да се откријат и да се изведат пред правдата сите одговорни за трагедијата во Нови Сад, како и да се откријат имињата на оние кои подоцна учествувале во тепањето на студентите.
Студентите ги свеле Вучиќ на правни рамки и на уставни овластувања кои ги има. Колку што гледам, во оваа партија шах, за сега Вучиќ губи – вели Вук Цвијиќ, познат новинар на неделникот Радар, и продолжува: „Тие секогаш правеле подобри потези од него, уште кога почнаа со протестите“. Петар Сератлиќ, студент и активист на организацијата Борба, за дневниот весник Данас истакнува дека студентите, за разлика од претседателот, знаат кои се неговите овластувања, па затоа своите барања не ги упатуваат на него.
„Нашите барања се упатени до државните институции, кои не смее да бидат подредени на претседателот и затоа не прифаќаме разговор со него“, тврди Сератлиќ, кој забележува дека студентскиот став го нервира режимот што се засновува на авторитетот на Вучиќ, кој тој почнал да го губи. Емилија Миленковиќ, студентка на Факултетот за политички науки, во разговор за истиот дневен весник вели дека режимот сигурно е изненаден што студентите го игнорираат претседателот.
Како што вели, студентите одлучиле да немаат лидери и претставници, па затоа предлогот на претседателот да „пратат неколку претставници по документацијата“ нема смисла. „Ние имаме систем на кој можеме да се потпреме, што е спротивно на овој режим“.
За предлогот на властите да им понудат студентски кредити со поволни услови, Емилија Миленковиќ вели дека станува збор за неуспешен обид за поткуп и ветување во кое не верува. „Правдата нема цена“, вели таа.
Радомир Лазовиќ, ко-претседател на партијата Зелено-лев фронт, во интервју за Вечерњи ТВ истакнува дека тоа што го прават студентите е сосема исправно. „Тие се обраќаат до институциите и на тој начин создаваат притисок за да институциите работат. Од друга страна, Вучиќ направи се да се фокусира сè на него, но мислам дека сите тие луѓе кои се негови послушници сега размислуваат малку поинаку. Ако може да биде уапсен Горан Весиќ, еден од најважните точки околу Вучиќ, тогаш може да биде и некој друг Вучиќев послушник кој за неговите потреби треба да ја преземе вината за нешто што се случило. Мислам дека студентите многу добро работат не таргетирајќи го Вучиќ, кој според Устав треба да има мали овластувања, туку таргетирајќи ги оние кои треба да го работат своето, и тоа е нешто што е во согласност со она што Зелено-лев фронт го застапуваше“, вели Лазовиќ.
Овој студентски протест, кој секој ден станува сè посилен, би можел еден ден да се протолкува како настан кој го означува почетокот на крајот на владеењето на Александар Вучиќ и неговите истомисленици, сметаат експертите. Многумина веќе сега гледаат во овие млади луѓе идни претседатели, премиери, министри, пратеници, односно луѓе кои ќе ја водат Србија во иднината.
Извор- Вечерњи лист