Со растечкиот интерес на британските потрошувачи за пива со ниска или нулта алкохолна содржина, компанијата инвестира 3,9 милиони долари во напредна технологија што ветува подобар вкус и поширока достапност на „ноло“ производите.
Фабриката во Магор, која годишно произведува милјарди милилитри Budweiser, Corona и Stella Artois, сега може да ги понуди и нивните безалкохолни верзии, благодарение на новиот процес на вакуумска дестилација. Со намалување на атмосферскиот притисок, алкохолот испарува на пониска температура, овозможувајќи пивото да го задржи својот оригинален вкус и арома.
Брајан Перкинс, извршен директор во AB InBev за британскиот пазар, признава дека порано безалкохолното пиво „звучеше како добра идеја, но имаше ужасен вкус“. Новата генерација на технологија, сепак, го менува тоа.
„Пивото е деликатно. Мора внимателно да се третира, а овој систем го прави токму тоа, го зачувува карактерот и дава извонреден вкус,“ вели Перкинс.
Иако на прв поглед инвестицијата во пиво без алкохол може да изгледа како парадокс за најголемиот светски пивски производител, AB InBev гледа огромен потенцијал. Побарувачката доаѓа од нови групи потрошувачи, оние кои сакаат пиво без мамурлак во понеделник, како и „зебра-пијачите“ кои комбинираат алкохолни и безалкохолни пијалаци во текот на вечерта.
Во последниот финансиски извештај, пивскиот гигант објави дека продажбата на пива со 0% алкохол пораснала за 27%, а портфолиото од 29 безалкохолни брендови, меѓу кои Corona Cero и Budweiser Zero, продолжува да се шири. Во 2024 година, британскиот пазар на пиво вредеше над 13,5 милијарди фунти, а секторот на безалкохолни пива расте со просечна годишна стапка над 20%. Според прогнозите на IWSR, до 2029 година овој сегмент ќе заземе 4% од пазарот.
Сепак, цената останува точка на незадоволство кај дел од потрошувачите, бидејќи безалкохолните пива често чинат исто колку и „вистинските“. Перкинс објаснува дека тоа е резултат на дополнителниот процес и милионските инвестиции во технологијата.
На официјалното отворање присуствуваше и британскиот министер за трговска политика Крис Брајант, кој истакна дека инвестицијата обезбедува нови работни места и ја зајакнува локалната индустрија:
„Навиките на луѓето се менуваат. Добро е што безалкохолното пиво ќе се произведува токму овде, во Јужен Велс, наместо да се увезува.“
И додека дел од конкурентите се воздржуваат од нови вложувања поради кризата во угостителскиот сектор, AB InBev верува дека токму иновациите ќе ја одреди иднината на пивската индустрија. Магор, велат од компанијата, останува центар на технолошки развој – и сега, повеќе од кога било, позициониран за идни пазарни промени.
Извор: The Guardian
