Доколку си активен учесник/учесничка во состанувањето и потрагата по љубов, тогаш несомнено од време на време ќе си помислиш дека ова се можеби најтешките времиња да најдеш вистинска љубов, оформиш фамилија и изградиш здрав и стабилен брак. Дури и честопати ќе слушнам коментари како порано било многу полесно. Но, дали навистина на нашите родители состанувањето и наоѓање на љубов им било полесно? Дали нам сега, со сите можности и отворени врати навистина ни е потешко да го најдеме тоа што го бараме?
Времињата се менуваат и тоа е факт. Не можеме да седиме и да посакуваме да се врати времето назад и да веруваме во бајките на постарите дека ним им било многу поедноставно да се омажат/оженат и ова го велам затоа што сум сигурна дека нивните хоризонти биле далеку позатворени од нашите. И зошто отворените хоризонти се лоша работа? Зошто се обидуваме да се убедиме дека со тоа што сега скоро цел свет ни е на дланка ние сме во позавидна ситуација од нив?!
Не сакам да звучам сурово, но сум видела многу бракови од времето за кое ни зборуваат со носталгија во кои факт е дека едната или и двете страни се согласиле за многу помалку од она што го сакале од животот и партнерот. Многу е нормално истите тие луѓе да те убедуваат да го направиш истото, затоа што колку и да си добар човек, љубомората дека некој ќе има нешто повеќе од тоа што ти имаш, постои. Затоа некоја тетка или чичко ќе ти зборуваат дека нив им било полесно и ние сега не знаеме што правиме. Ќе сретнеш и помлади луѓе растени во иста таква ограничена околина кои самите се убедени дека просечното е добро и ќе се чудат како ти не се задоволуваш со истото.
Колку што можам јас да се сетам шегите за тоа дека бракот е мрак, затвор, крај на среќниот живот и така натаму се шеги што ги слушав како мала кога одев на слави, од испоседнати мажи со по некоја чашка ракија и жените до нив. Ни тогаш не ми беа смешни, ниту сега ми се. Само што тогаш не можев да разберам дека човек што го нашол тоа што го прави среќен и личност која го исполнува нема да се шегува на таков начин, особено не, ако неговата сопруга седи до него. И после ќе ми кажуваат дека им било полесно да најдат љубов.
Љубов не е „дај шта даш“, љубов не е„ добар човек е ќе те чува’, љубов не е „има пари“… Љубов е многу повеќе од тоа и не се согласувам да примам совети од генерација која е тренирана да верува дека треба да „ќути оти има полошо“ и „бар земаш плата и имаш сигурна работа“. Многу е веројатно истите тие луѓе да го имаат истиот концепт и за бракот – „Ајде каква е таква е, деца ќе ти роди“ или „Ајде секој маж пие и оди по кафани, бар се омажи, гледај си ги децата“.
Зошто дозволуваме да се убедиме дека порано било полесно, кога во тоа време ретко кој знаел се’ што сега знаеме ние. На некој начин многу од нив се помириле со судбината. Дури и во ова време постојат луѓе кои не сакаат да излезат од кутијата и да научат нешто повеќе, затоа многу е нормално истите да се задоволат со помалку.
Затоа многу е важно да погледнеш од каде доаѓаат коментарите, споредбите и советите. Може тогаш многу повеќе стапувале во брак и многу помлади се земале, но каков бил квалитетот на тие бракови? Дали баба ти ако имала вакви можности како ти сега, ќе се земала на 20 години? Затоа живеј си го животот и не гледај назад. Уште поважно не дозволувај да те држат во нивното време, затоа што ти живееш во сегашност која нема ништо со тие времиња. Тогаш ги учеле дека да ја гледаат својата среќа е себично, сега знаеме дека тоа е најлошто нешто кое можеш да си го направиш.
А, тоа што браковите тогаш успевале, а сега можеби не толку, апсолутно нема никаква врска со времињата. Има врска со немањето избор, има врска со задоволувањето со помалку, има врска со можностите за кои апсолутно немале идеја дека постојат и ограниченото, осудувачко општество. За крај, не може да се лоши времињата, може да се лоши луѓето, но среќа што ќе избереш зависи само од тебе.