Есента е време кога нејзините мириси и бои не само што ни ги будат сетилата, туку нè потсетуваат на топлината на домот и спокојот што го носи ова годишно доба. Магијата на есента се забележува на секој чекор, особено на пазарите – местата каде што природата, традицијата и сезонските плодови се испреплетуваат во хармонија.
Шаренилото на пазарите секогаш плени, а ова време од годината е посебно по тиквите што го симболизираат доаѓањето на есенските празници, па и Денот на вештерките. Декоративните тикви ги украсуваат излозите, но на тезгите се веќе поставени и тие крупните, што се подготвуваат за крем супи или едноставно печени во рерна, популарно наречени печенки.
Калинките, со својата длабока црвена боја и извор на витамини, се омилени во оваа сезона. Тие блескаат како рубини, подготвени да ја разбудат свежината на есента на секоја трпеза. Ајварките – тие црвени, дебели пиперки што мирисаат на детството, полека стануваат дел од минатото. Мирисот на домашен ајвар веќе не се чувствува така често низ маалските дворови како порано. Полека, традицијата на подготвување ајвар изумира, заменета со брзината на секојдневието.
Но, на пазарот уште можеш да најдеш сè што ѝ е потребно на една есенска трпеза – круши, јаболка и грозје. Ова овошје го краси секој дом и го носи мирисот на есенските утра. Грозјето, симболот на жетвата, повикува на обилност и на семејни вечери покрај трпеза полна со плодови од земјата.
Зимницата, како неразделен дел од есенската култура, повторно го зазема своето место. Везени пиперки, тегли со лукче и пиперки, мармалад од сливи – сè што ја претставува традицијата и љубовта кон домашното. Сезоната на зимници е официјално отворена, а пазарите блескаат со нивната разновидност.
Но, има и еден малку тажен призвук. Пазарите денес почнаа да се менуваат. Нема пазар без празни тезги, и сè поретко се гледаат редовни купувачи и продавачи. Можеби иднината ќе ни донесе централизиран пазар, но ќе останат носталгичните приказни за тоа каде беше најевтино, каде најскапо. Битпазар ќе остане во спомените како најголемиот и најживописен, но кој знае што носи времето?
Есента е овде, а со неа и магијата на пазарите. Тие уште стојат како сведоци на нашата култура, на сезоните и на тоа како природата се пресликува во нашите животи.
Фотографии: Надица Манева Ангеловски