Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи создавање заеднички воени одбранбени сили меѓу Украина и Европа со капацитет до три милиони војници. Во разговор со новинари преку апликацијата „ВатсАп“, Зеленски истакна дека идејата ја покренал уште минатата година, со цел да се одговори на безбедносната закана од Русија, која според него планира до 2030 година да располага со околу 2,5 милиони војници.
Во истата прилика, Зеленски откри дека Украина добила покана да се приклучи на таканаречениот „одбор за мир“, иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се смета за обид за создавање алтернатива на Обединетите нации. На овој одбор веќе е поканет и рускиот претседател Владимир Путин, што Зеленски го смета за тешко замисливо сценарио. Сепак, тој додаде дека украинските дипломати моментално ја разгледуваат поканата.
Претседателот Зеленски истакна и загриженост дека меѓународното внимание кон напорите за мир во Украина може да биде засенето од други глобални теми, како прашањето за Гренланд, автономна територија на Данска за која Трамп покажува интерес. Тој подвлече дека секое намалување на вниманието во услови на голема војна е проблематично и дека конфликтот во Украина и другите меѓународни спорови не треба да се третираат како заменливи прашања.
