Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот годишен говор за состојбата на Европската Унија, пред Европскиот парламент рече дека ќе разгледа воведување ограничувања за малолетници на социјалните мрежи, по примерот на Австралија, каде на лицата под 16 години не им е дозволено да користат платформи како TikTok, Instagram или Snapchat.
Неодамна Фон дер Лајен во својот говор за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент, истакна дека Комисијата внимателно ја следи австралиската политика.
„Внимателно го следам спроведувањето на нивната политика за да видам кои следни чекори можеме да ги преземеме во Европа. До крајот на годината, ќе побарам од панелот експерти препораки за најдобриот пристап за Европа“, рече таа.
Фон дер Лајен додаде дека процесот ќе биде воден од принципите на претпазливост, со вклучување на сите засегнати страни: „Во оваа работа, ќе бидеме водени од потребата да ги овластиме родителите и да создадеме побезбедна Европа за нашите деца.“
Национални иницијативи веќе постојат
Засега, забраните за малолетници во ЕУ се регулирани на национално ниво. Повеќето платформи, вклучувајќи ги TikTok и Instagram, имаат минимална возраст од 13 години, но националните власти можат да воведат построги правила.
Францускиот претседател Емануел Макрон во јуни објави дека Франција ќе ја забрани употребата на социјалните мрежи од страна на деца под 15 години „во рок од неколку месеци“ доколку ЕУ не дејствува заедно. Неговата изјава дојде откако 14-годишен ученик избоде вработен во училиштето во Ноџент.
Холандските власти им препорачаа на родителите да не им дозволуваат на децата под 15 години пристап до социјалните мрежи, наведувајќи психолошки и физички ризици.
Регулатива на ЕУ во подготовка
Во јуни, Европската комисија објави упатства за заштита на малолетници според Законот за дигитални услуги (DSA). Целта е да се заштитат децата од онлајн опасности како што се регрутирање, штетна содржина, зависно однесување, сајбер малтретирање и агресивни комерцијални практики.
Упатствата важат за сите онлајн платформи достапни за малолетници. Паралелно, Комисијата иницираше соработка со пет земји-членки – Данска, Франција, Грција, Италија и Шпанија – за развој на национални апликации за проверка на возраста на корисниците.