Неколку минути пред почетокот на пленумот, студент од организацијата на пленумот со мегафон ги извести судентите дека собирот ќе се одржи внатре во факултетот, а новинарите екипи да „не сликаат“ затоа што како што извика во мегафонот: „Вие сте само платеници, ниеден студент не даде дозвола за сликање“.
Новинарските екипи ги посети и еден студент кој сакаше да остане анонимен, а неговата теза беше дека Пленумот е под силна доминација на Левица и Црвена младина. Запрашан дали е член на некоја студентска организација, прво рече дека е само студент, за потоа да додаде дека е дел од ФСС при Правен факултет. Си замина одеднаш, нога за нога, како и што дојде.
Не успеавме да дознаеме како заврши Пленумот, ниту дали донесе некои одлуки.
Останува впечатокот дека најмалку две политички партии се борат за превласт во студентското движење и така се задушува можноста за суштинско претставување на студентскиот глас во јавноста како независен и автентичен став на една нова генерација млади луѓе.
Особено чуден беше моментот кога студентот со мегафон, на новинарска забелешка дека Студентскиот пленум во 2014 беше транспарентен и со одлична комуникација со медиумите, само дофрли: „Ова не е 2014та, сега е 2025та“.