Кога медицината враќа светлина: приказните зад трансплантациите на рожница

Д-р Наташа Трпевска Шекеринов и д-р Христиан Дума: Bраќањето на видот е враќање на животот!

Чуствота да успеете да вратите вид на пациент кој што до сега не сте можеле да му помогнете, а бил ваш редовен пациент, е магичен. Ние очните лекари сме витези борци за видот и се бориме за секое метро вид.

Шеснаесет нови трансплантации на рожница не се само медицинска статистика, туку и приказни за пациенти на кои повторно им се враќа видот и добиваат шанса за нов почеток. За македонското здравство, ова претставува значаен исчекор кон развој на трансплантациската медицина и воведување на високо специјализирани процедури што до неодамна беа достапни главно во странство.

Како што истакнува доц. Наташа Трпевска Шекеринов, овие интервенции се доказ дека системот има капацитет да обезбеди современа здравствена услуга и да гради одржлив модел кој ќе овозможи поголема достапност за пациентите. Истовремено, според д-р Христиан Дума, станува збор за една од најкомплексните офталмолошки процедури и „кралицата на операциите на окото“, која се применува како последна опција кога се исцрпени сите други третмани.

Овие операции, нагласуваат лекарите, не само што го менуваат пристапот кон третманот на тешките очни заболувања, туку поставуваат темели за долгорочен развој на национален трансплантациски систем, со амбиција ваквите интервенции да станат редовна и достапна практика во иднина.

Трн: Ова се 16 трансплантаци на рожница, колку овој број е значаен за македонското здравство? 

Д-р Трпевска Шекеринов: Реализираните 16 трансплантации не се само бројка, тие се 16 човечки приказни со нова перспектива. Впрочем досега сите изведени 25 трансплантации на рожница (во месец Ноември и сега во Март) се значаен чекор напред во развојот на трансплантациската медицина, за офталмологијата и за Македонското здравство, што претставува силен сигнал дека системот има капацитет да обезбеди современа и високо специјализирана здравствена услуга.

Овој резултат ја потврдува нашата стратешка определба за јакнење на националните капацитети, унапредување на експертизата и воспоставување одржлив систем кој ќе овозможи поголема достапност на вакви интервенции за пациентите.

Трн: Колку овие интервенции го менуваат третманот на очните заболувања во Македонија? 

Д-р Трпевска Шекеринов: Со воведувањето и континуираното спроведување на овие високоспецијализирани интервенции, се овозможува примена на современи медицински стандарди и обезбедување на дефинитивен третман за пациентите со тешки заболувања на рожницата. Ова директно придонесува за подобрување на видната функција, не само стабилизација, потоа намалување на инвалидитетот и унапредување на квалитетот на живот на пациентите, што има пошироки и социјални и економски придобивки.

Трансплантацијата на рожница не е само медицинска интервенција, таа претставува суштинска промена во пристапот кон лекувањето на одредени очни заболувања. Развојот на вакви процедури во рамки на јавното здравство значи зајакнување на националните капацитети, намалување на зависноста од странски центри и поставување на темели за долгорочен развој како и јасен показател дека здравствениот систем континуирано се развива и се доближува до највисоките светски стандарди.

Трн: Најмладиот пациент има 13 години, што значи навремена интервенција кај вакви случаи?

Д-р Трпевска Шекеринов: Навремената интервенција значи да се делува во вистинскиот момент, тогаш кога можеме да спречиме неповратни оштетувања и да обезбедиме најдобар можен исход за пациентот. Тоа подразбира внимателна проценка на клиничкиот наод, очекувањата од прогресијата на болеста и индивидуален пристап кон секој пациент, што во случајот се направи и се потврди важноста од обезбедување на современа здравствена грижа. Во овој случај навремената интервенција имаше клучна улога во зачувување на функционалниот вид и долгорочниот квалитет на живот.

Трн: Со какви предизвици најчесто се соочува Клиниката кога станува збор за трансплантации? 

Д-р Трпевска Шекеринов:
Трансплантацијата на рожница – кератопластика е подвиг кон кој клиниката се стремеше деценија наназад. Трансплантацијата претставува комплексен и високо координиран процес, при што најголемите предизвици се поврзани со обезбедувањето донорско ткиво, како и навремената организација на сите фази во процесот, вклучувајќи финансиско и системското обезбедување на одржливост, од опрема и материјали, до организација на кадар и ресурси за целосно реализирање, каде значаен фокус би ставила и на континуираната едукација на медицинскиот кадар, со цел соодветно реализирање, но и евалуација на пациентите. Процесот на трансплантацијата не е само хируршка интервенција, туку комплексен систем кој бара синхронизација на повеќе алки, а предизвиците се токму во одржување на таа функционална целина.

Трн: Колку Македонија е подготвена за вакви високоспецијализирани процедури во континуитет? 

Д-р Трпевска Шекеринов: Клиниката како терциерен центар, потврди дека располага со соодветен стручен капацитет и знаење за успешно спроведување на овие процедури. Со успешната реализација на сите интервенции покажавме дека можеме да одговориме на овие предизвици на високо професионално ниво. Сепак, одржување на континуитетот во нивната реализација бара понатамошно јакнење на системот, особено во делот на донорството, организациската координација и континуирана техничка и институционална поддршка. Нашата цел е овие процедури да станат редовна пракса, со јасно воспоставени стандарди и долгорочна одржливост во интерес на пациентите.

Трн: Што е следниот чекор – дали може да очекуваме вакви интервенции да станат редовна практика?

Д-р Трпевска Шекеринов: Нашата цел е трансплантациите да станат стандардна здравствена услуга, достапна за сите пациенти со индикација, со јасно дефинирани процедури и одржлив систем кој гарантира квалитет и сигурност. Во таа насока, веќе работиме на системско унапредување на сите сегменти, од зајакнување на донорската програма и можност за набавка на корнеи, до дополнителна едукација и специјализација на медицинскиот кадар, како и унапредување на организациските протоколи и инфраструктурните капацитети. Паралелно, ќе продолжиме со меѓународната соработка и трансфер на знаење, со цел да ги следиме најсовремените стандарди во оваа област. Крајната цел е јасна, трансплантациите да станат стандардна, рутинска и широко достапна здравствена услуга во рамки на националниот здравствен систем, со што значително ќе се подобри квалитетот на живот на пациентите и ќе се намали потребата од лекување во странство.

Трн: Кој пациент или момент од овие 16 операции најмногу ве погоди лично?  

Д-р Трпевска Шекеринов:
Секоја трансплантација носи своја тежина и приказна, но посебно ме погодија пациентите на помлада возраст, кај кои оваа интервенција значи целосна промена на текот на животот. Тоа се моменти кога јасно ја гледате суштината на нашата професија, да вратите вид, но и надеж и перспектива. Истовремено силен впечаток оставија и двајца пациенти, едниот исто така помлад, во третата декада, кај кои имаше слепило на двете очи, и трансплантацијата претставуваше единствена можност за враќање на видот за функционирање воопшто. Во такви случаи, не зборуваме само за медицинска интервенција, туку за суштинска животна промена. Токму тие ситуации најдлабоко нè допираат, кога знаете дека со една интервенција му давате на пациентот надеж, повторен почеток, и тоа е и најсилната мотивација да продолжиме со посветена работа и развој на оваа област.

Трн: Што значи за вас како лекар да знаете дека некому сте му го вратиле видот?

Д-р Трпевска Шекеринов: Враќање на видот кај пациентите претставува огромен медицински успех, еден од најзначајните успеси на современата медицина, момент кога науката добива своја човечка димензија. Враќањето на видот значи раѓање на надеж на нечие секојдневие. Во офталмологијата, зад секој успешен оперативен зафат стои многу повеќе од клинички резултат – стои човечки живот кој повторно добива светлина. Кај секој пациент што повторно прогледува, се враќаат надежта, достоинството и чувството на сигурност. Видот не е само сетило – тој е основа за независност и нормално функционирање во секојдневието.

Постигнатите резултати за нас претставуваат потврда дека клиничките протоколи се правилно поставени, а тимот е подготвен, посветен и стручен. Воедно, тие се и обврска да продолжиме со континуирано унапредување на нашата работа, со цел обезбедување на највисоки стандарди во третманот на пациентите. Офталмологијата е повеќе од медицинска дисциплина, затоа што секој зачуван или подобрен вид претставува своја животна приказна.

Трн: Колку се сложени овие интервенции и што ги прави технички најпредизвикувачки?

Д-р Дума: Кога зборуваме за корнеални трансплантации зборуваме за последната опција за лечење на корнеалното слепило. За да дојде окото во ситуација да има потреба од корнеална трансплантација се смета дека се исцрпени сите можни конзервативни третнани по патот на лекување кое што е долг и макотрпен процес. Како што е дол патот на лекување така е долг патот на хируршкиот тренинг кој е неопходен за да може да се започни со изведување за наскКралицата на операции на окото -кератопластика. Сложеноста на операциите почнува при подтавување на правилна и правовременска индикација за операци и воедно избор на правата подтехника за изведба на трансплантацијата. Правилнот избор на корнеален графт има голема улога во успешноста на интервенцијат. Нај деликатниот и технички предизвикувачки дел е самата операција која освен потребното големо теоретско знаење изискува и исклучителни мануелни способности за кои е потребно време и тренинг. Со правилна претоперативна одлука, добра екипа, добар графт и истренирана рака, оваа операција е успешна во реобновување на видната функција на окото

Трн: Каква беше соработката со странските експерти – што научивте од нив?

Д-р Дума: Знаењето е сила, знаењето е моќ кога ќе се подели со друг. Клиниката и екипата за трансплантации имаше исклучителна привилегија да имаме директен контакт со еден од најдобрите хирурзи во светот кој што од срце ни ја пренесе круната на знаење за комплетирање и осамостојување на нашето повеќегодишно тренирање во областа на кератопластиката. Со цело срце ја чекаме нивната следна посета.

Трн: Кој момент од овие операции за вас беше најемотивен или најзначаен?

Д-р Дума: Емоциите се составен дел од нас луѓето, но во процесот на транспланта мора да се има многу големо ниво на професионализам за да се носат правилните одлуки базирани на докази. Најзначајниот дел од овој процес беше тоа што нашиот тим успеа уште во првата посета да почни со директа самостојна работа со нашите гости и со тоа се уверивме дека изминатите години посветени на работа учење и тренинг роди преубав пло, а тоа е Македонски функционален трансплантационен тим за корнеална трансплатација .


Трн: Какво е чувството кога пациент кој не гледал – повторно ќе ве погледне по операцијата?

Д-р Дума: Чуствота да успеете да вратите вид на пациент кој што до сега не сте можеле да му помогнете, а бил ваш редовен пациент, е магичен. Ние очните лекари сме витези борци за видот и се бориме за секое метро вид. Се надевам дека ќе успееме да помогниме на нашите сограѓани на кој им треба нашата помош. Знаењето е сила,знаењето е мок кога ке се подели со друг!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни