Заедницата на сексуални работници секоја година го одбележува меѓународниот ден на сексуалните работници, 2-ри Јуни и повикува на декриминализација на сексуалната работа.
ХОПС, како поддршка за оваа заедница, спроведува кампањи чија цел е подигнување на свеста на јавноста, но пред се донесувачите на одлуки за неопходноста од воспоставување на законска рамка за декриминализација на сексуалната работа. Една од подобрите кампањи спроведени по повод овој ден беше кампањата за 2 Јуни 2021 година – „ Црвениот фустан добро ми прилега “ која побуди голем интерес во јавноста и медиумите.
Но ајде да видиме од каде баш овој ден се смета за меѓународен ден на сексуалните работници и зошто.
Одбележувањето на овој ден започнало во далечната 1975 година, кога неколку стотини жени, сексуални работнички се собрале во Лион, Франција и јавно и гласно започнале протест против криминализацијата на нивната работа и можностите да бидат експлоатирани преку нивната работа. Ова може да се смета и како првиот штрајк на сексуални работнички во светот, а нивните пароли биле: „ Мое тело, мој избор“ и „Нашите деца не сакаат нивните мајки да одат во затвор поради работата која ја работат“.
Во Македонија за жал овој ден ретко кога побудува интерес во јавноста, а дури после декада и половина луѓето го препознаваат Маршот на црвените чадори, 17 Декември, Меѓународниот ден за борба против насилство врз сексуалните работници. Но, дали можеме да зборуваме за слобода од насилство во општество во кое на одредени луѓе, не им е признаено нивното право на избор, што сакаат да работат и како да заработат. За општество во кое сите душегрижници морализираат за одреден личен избор, не можеме да кажеме дека е општество во кое се почитуваат човековите слободи и права. Особено кога станува збор за жени. Бидејќи нели, жените не се доволно способни сами да одлучат што е добро за нив па мора други да им водат сметка дали тие направиле добар, ама пред се морален избор во животот.
За да бидат работите појасни, ајде прво да објасниме што е сексуална работа.
Нема некоја универзална дефиниција за сексуалната работа, но онака народски да кажеме дека под сексуална работа се подразбира давање на сексуални услуги за пари или други материјални добра. Во оваа дефиниција може многумина да се препознаат, но не секој себе си ќе се идентификува како сексуален работник/сексуална работничка. И тоа е сосема во ред, не ни мора некој да се идентификува ниту пак други да го идентификуваат така, ако тој/таа не сака да биде дел од таа заедница.
Но, она што е важно е да се разграничи сексуалната работа од било која форма на сексуална експлоатација или трговија со луѓе . Првата нешто кое ја разликува сексуалната работа од формите на експлоатација и насилство вклучително и трговија со луѓе е моментот на доброволност. Тоа значи дека одредено лице без никаква присила се занимава со сексуална работа. Вториот важен елемент е тоа лице да може да донесува информирани, свесни одлуки, односно да има полни 18 години и кое има целосна деловна способност.
Но и покрај ова, во Македонија сексуалната работа не е дозволена и неретко е казнива по закон. Кога сме кај ова, кај нас постои еден законски парадокс. Имено од една страна сексуалната работа е казнива како прекршок, а од друга страна, во национална класификација на занимања објавена од Државниот завод за статистика, класифицирана е како занимање во подгрупата 51 Работници во персонални служби, под бројот 5169.03. Морам да потенцирам дека терминот „проститутка“ кој се користи во оваа класификација е стигматизирачки и не е прифатен од самите сексуални работници, но она што е повеќе од јасно е дека сексуалната работа во нашата земја е препознаена како занимање. Терминот за ова занимање како што е употребен во Националната класификација на занимања е родово стигматизирачки бидејќи со сексуална работа се занимаваат и мажи и жени. Но сепак, факт е дека застапеноста на жените и девојките во ова занимање е многу поголема. Токму поради тоа во едно патријархално, мизогино општество ризикот без соодветна регулатива тие да бидат злоупотребени е многу поголем.
Па кога веќе и црно на бело имаме дека сексуалната работа е занимање, зошто со други закони, без оправдани аргументи нечие занимање да се криминализира, некој да не биде безбеден додека ја врши работата која одлучил да ја работи или да не може да си ја наплати услугата?
Зошто на овие лица им се оспорува правото да заработат пари на начин на кој тие сметаат дека е најдобро за нив, а при тоа не прават никаква штета на никој друг, ниту повредуваат некој друг за да бидат казнувани за тоа?
Затоа ХОПС како организација заедно со Првиот Балкански колектив на сексуални работници секоја година 5 години по ред поднесува до Владата Иницијатива за декриминализација на сексуалната работа во Македонија. Со ова, на прво место треба да се укине прекршочната одговорност за ова занимање, да се уреди начинот и локациите за безбедно работење, и се разбира да се овозможи заштита во случај на насилство. Пример за ваков модел на уредување на ова занимање има во Нов Зеланд, каде веќе истиот успешно функционира дваесетина години и чиј мониторинг покажа дека тоа е систем кој обезбедува заштита на сексуалното и репродуктивно здравје како на оние кои се занимаваат со сексуална работа, така и на оние кои ги користат овие услуги, но обезбедува и заштита од сите форми на насилство, пред се од сексуална експлоатација и трговија со луѓе. Новозеландскиот модел обезбедува заштита од стигма, дискриминација и уживање на работничките права, како право на здравствена и социјална заштита вклучително и право на пензија, преку утврдување на обврски односно плаќање на данок и придонеси како и сите други работници и претприемачи.
И, на кого не би му одговарал ваков систем базиран на почитување на човековите права и слободи? Па се разбира, на криминалните структури на кои им одговара маргинализираност на сексуалните работници затоа што полесно може да им паднат во мрежата на експлоатација и се разбира на дежурните морализатори водени од воспоставените патријархални вредности, чија крајна цел е потчинување на жените преку морализирање и стигматизирање на нивните лични избори се со цел да им се покаже нивното место во едно такво општество!
Сексуалната работа е работа, затоа е неопходна нејзина декриминализација.