Студентите од белградските факултети, доцна вчера вечер пристигнаа во Нови Сад, откако во четвртокот наутро тргнаа да патуваат пеш од Белград, со цел да ги поддржат своите новосадски колеги во блокирањето на сите три моста во градот, по повод три месеци од трагедијата на Железничката станица во Нови Сад. На влезот во градот на Варадинскиот мост ги дочекаа илјадници граѓани и нивните новосадски колеги.
Студентите во четвртокот вечер преспаа под отворено небо во Инџија, на фудбалскиот стадион, а потоа го продолжија патот од Марадик преку Чортановце до Сремски Карловци и Петроварадин, до Нови Сад. Варадинскиот мост и сите пристапни улици и булевари беа премали за сите кои дојдоа да ги поздрават академците.
На самиот мост на црвениот тепих симболично се сретнаа двајца академци од Белград и Нови Сад и разменија знамиња на двата универзитета, но и на двата града.
Црвениот тепих, симболични медали, но и духовити транспаренти беа само дел од атмосферата. Во зградата на Ректоратот за нив се подготвени душеци со постелнина.
По притсигнувањето, студентите заедно со нивните колеги се упатија кон железничката станица каде со 15 минутна тишина оддадоа почит на трагично загинатите при падот на натстрешницата.
Утре, на 1 фебруари, три месеца по трагедијата, започнува студентската блокада на Варадинскиот, Жежељевиот и Мостот слободе во Нови Сад.
„Првите три часа ќе блокираме сите три мостови. По тоа, сите учесници ќе се соберат на Мостот слобода, каде ќе продолжи блокадата која ќе трае 24 часа, и која би можела да се продолжи или заврши преку граѓански пленум. На тој пленум ќе гласаат и граѓаните“, наведуваат студентите.
За оние кои не можат да учествуваат во блокадата, студентите обезбедиле пренос во живо.