Најопасните сообраќајници во Скопје – статистика што не смее да се игнорира
Според официјалната евиденција на СВР Скопје, најголем број сообраќајни незгоди се регистрирани на:
- Бул. Партизански Одреди – 286 незгоди
- Ул. Борис Трајковски – 234 незгоди
- Бул. Александар Македонски – 232 незгоди
- Ул. Ѓорче Петров – 151 незгода
- Бул. Гоце Делчев – 140 незгоди
- Ул. Џон Кенеди – 124 незгоди
- Бул. Јане Сандански – 119 незгоди
- Бул. Никола Карев – 109 незгоди
- Бул. 8-ми Септември – 106 незгоди
Дополнително, на сервисните улици низ Скопје се регистрирани дури 288 незгоди, а голем број несреќи со смртни последици се случиле и на автопатските делници во околината на Скопје, меѓу кои А1, А2 и А4.
Број на сообраќајни несреќи со жртви по делници (2022–2024):
- Бул. Никола Карев – 4 незгоди со загинати
- Бул. Александар Македонски – 3 незгоди со загинати
- Ул. Ѓорче Петров – 3 незгоди со загинати
- Бул. Гоце Делчев – 2 незгоди со загинати
- Бул. Партизански Одреди – 2 незгоди со загинати
- Ул. Александар Урдаревски – 2 незгоди со загинати
- По една со смртна последица се регистрирани и на булеварите Крсте Мисирков, Илинден, Србија, Македонска Косовска Бригада, како и на ул. Борис Трајковски.
На автопатите А1, А2 и А4 – во рамки на општините Илинден, Бутел, Чучер Сандево и Петровец – се регистрирани најмалку 13 несреќи со жртви.
Причини: Брзина, алкохол, непочитување на сигнализацијата
СВР Скопје како топ 3 причини за смртни незгоди ги посочува:
- Неприлагодена брзина,
- Возење под дејство на алкохол,
- Непочитување на сообраќајна сигнализација.
Еден од најдрастичните случаи се случи на бул. Партизански Одреди, каде во рок од само десет дена на исто место – кај трговскиот центар „Антико“ – две различни сообраќајни несреќи ги погодија малолетни деца кои преминувале пешачки премин. Возачот во едната од несреќите бил под дејство на алкохол, а полицијата пристигнала со задоцнување од над еден час, што дополнително ги разгневи граѓаните.
Локалното население повеќе пати доставувало барања за поставување дополнителна сигнализација, а во 2023 година била испратена и официјална петиција со оригинални потписи до МВР и Град Скопје, на која не било одговорено. По последната несреќа, граѓаните најавија ново барање за итна интервенција.