Црната мапа на Скопје: Над 2000 сообраќајки, десетици жртви – критичните точки и зошто се уште нема решение

Во последните три години на подрачјето на Скопје и околината се случиле над 2000 сообраќајни незгоди, а на повеќе од 15 локации се регистрирани смртни случаи, што ги става овие делници на врвот на црната сообраќајна мапа на главниот град. Анализите на СВР Скопје откриваат шокантна слика за состојбата на сообраќајната (не)безбедност – каде повторени несреќи, малолетни повредени и реакција на институциите што доцни или целосно изостанува, укажуваат на системски проблем.

Најопасните сообраќајници во Скопје – статистика што не смее да се игнорира

Според официјалната евиденција на СВР Скопје, најголем број сообраќајни незгоди се регистрирани на:

  • Бул. Партизански Одреди – 286 незгоди
  • Ул. Борис Трајковски – 234 незгоди
  • Бул. Александар Македонски – 232 незгоди
  • Ул. Ѓорче Петров – 151 незгода
  • Бул. Гоце Делчев – 140 незгоди
  • Ул. Џон Кенеди – 124 незгоди
  • Бул. Јане Сандански – 119 незгоди
  • Бул. Никола Карев – 109 незгоди
  • Бул. 8-ми Септември – 106 незгоди

Дополнително, на сервисните улици низ Скопје се регистрирани дури 288 незгоди, а голем број несреќи со смртни последици се случиле и на автопатските делници во околината на Скопје, меѓу кои А1, А2 и А4.

Број на сообраќајни несреќи со жртви по делници (2022–2024):

  • Бул. Никола Карев – 4 незгоди со загинати
  • Бул. Александар Македонски – 3 незгоди со загинати
  • Ул. Ѓорче Петров – 3 незгоди со загинати
  • Бул. Гоце Делчев – 2 незгоди со загинати
  • Бул. Партизански Одреди – 2 незгоди со загинати
  • Ул. Александар Урдаревски – 2 незгоди со загинати
  • По една со смртна последица се регистрирани и на булеварите Крсте Мисирков, Илинден, Србија, Македонска Косовска Бригада, како и на ул. Борис Трајковски.

На автопатите А1, А2 и А4 – во рамки на општините Илинден, Бутел, Чучер Сандево и Петровец – се регистрирани најмалку 13 несреќи со жртви.

Причини: Брзина, алкохол, непочитување на сигнализацијата

СВР Скопје како топ 3 причини за смртни незгоди ги посочува:

  1. Неприлагодена брзина,
  2. Возење под дејство на алкохол,
  3. Непочитување на сообраќајна сигнализација.

Еден од најдрастичните случаи се случи на бул. Партизански Одреди, каде во рок од само десет дена на исто место – кај трговскиот центар „Антико“ – две различни сообраќајни несреќи ги погодија малолетни деца кои преминувале пешачки премин. Возачот во едната од несреќите бил под дејство на алкохол, а полицијата пристигнала со задоцнување од над еден час, што дополнително ги разгневи граѓаните.

Локалното население повеќе пати доставувало барања за поставување дополнителна сигнализација, а во 2023 година била испратена и официјална петиција со оригинални потписи до МВР и Град Скопје, на која не било одговорено. По последната несреќа, граѓаните најавија ново барање за итна интервенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни