Бројни светски лидери пристигнуваат во Рим, каде што денес папата Франциско, кој почина на 21 април на 88-годишна возраст, ќе биде испратен на својот вечен починок. На Плоштадот Свети Петар од ноќеска се собираат верници кои сакаат да присуствуваат на неговиот погреб, а во Рим се на сила строги безбедносни мерки.
Овој погреб ќе биде поинаков од погребите на претходните папи, во согласност со неговите лични желби, но сепак ќе мора да се почитуваат бројни протоколи, меѓу кои и дрес кодот.
Католичката црква е позната по строгите правила и протоколи, а облекувањето за погреб на папата не е исклучок. Италијанските медиуми детално ги објавија правилата на Ватикан, за сите присутни да бидат соодветно облечени.
За мажите, задолжително е темен костум, бела кошула и долга црна вратоврска. Технички се дозволени и други темни бои како сива или темносина, но се очекува повеќето да носат исклучиво црно. Чевлите, чорапите, капутите и чадорите исто така мора да бидат црни. На левиот ревер е дозволено мало црно копче, а единствени дозволени украси се папските одликувања, кои треба да бидат дискретно поставени. Останатите модни додатоци како прстени, нараквици и часовници треба да бидат едвај забележливи.
За жените, задолжителна е црна фустан или костум. Ако се избере фустан, тој мора да биде под коленото. Се препорачуваат затворени црни чевли со ниска потпетица, црни најлонки и црни ракавици. Жените можат да носат и црн вел преку главата, но тоа не е задолжително. Чантата мора да биде мала и црна, а единствено дозволен накит е едноставна бисерна огрлица.
Таканаречената „бела привилегија“ овојпат е суспендирана. Инаку, кралици и принцези од католички кралски семејства имаат право да дојдат на аудиенција кај папата облечени во бело, додека сите останати се обврзани да носат црно. На погребот на папата Франциско ова правило нема да се применува.