Циклонот од Џенова ја враќа зимата: Силен ветер, обилни врнежи и снег дури и во градовите

Во Скопје и околината времето е нестабилно, со врнежи од дожд и засилен ветер, додека на околните планини дождот преминува во снег.

Силен ладен циклон со центар над Џеновскиот залив ја зафати Македонија, носејќи нагло заладување, обилни врнежи и снег – дури и на крајот на март.

Под влијание на овој циклон, во текот на ноќта и денеска низ земјава се регистрираат пообилни врнежи од дожд, проследени со засилен до силен ветер од јужен и југоисточен правец, кој локално достигнува и над 60 километри на час. На повеќе места се очекуваат и значителни количини врнежи, особено во западните предели.

Поради продорот на постуден воздух од север, врнежите постепено преминуваат во снег – прво на повисоките места и планините, а веќе и во дел од градовите, особено во западна Македонија. На надморска височина над 1000 метри се очекува формирање снежна покривка од над 10 до 15 сантиметри, а локално снегот може да се спушти и пониско.

Во Скопје и околината времето е нестабилно, со врнежи од дожд и засилен ветер, додека на околните планини дождот преминува во снег.

Температурите значително опаѓаат – утринските ќе се движат од -2 до 9 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 6 и 15 степени. Во главниот град, температурата ќе се движи од околу 6 степени наутро до 12 степени преку ден.

Овој невообичаен временски пресврт за крајот на март може негативно да влијае врз овошките кои се во фаза на цветање. Надлежните апелираат до возачите да бидат особено внимателни, особено на планинските превои каде се очекуваат интензивни снежни врнежи и отежнати услови за сообраќај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни