Циклон над Балканот носи дожд, снег и силен ветер во Македонија следната седмица

Следната седмица Македонија ја очекува многу динамично време. Длабок циклон ќе донесе чести врнежи од дожд и снег, силен ветер и осетно заладување по 15 февруари.

Многу влажниот период со чести врнежи од дожд, како и снег на планините, ќе продолжи и во текот на следната седмица. Според најновите метеоролошки анализи, времето над Македонија и поширокиот регион ќе биде под силно влијание на длабок циклон кој ќе се задржи над Балканскиот Полуостров.

Овој циклон ќе услови изразено променливо и нестабилно време, со чести и на моменти пообилни врнежи, како и засилен до силен ветер. Атмосферските услови ќе бидат многу динамични, со чести промени во интензитетот на врнежите и ветерот.

Од околу 15 февруари, како и во деновите потоа, се наѕира осетно заладување на времето. Со продорот на постудена воздушна маса од север, ќе дојде до намалување на температурите, а снежната граница ќе се спушти и на пониски надморски височини, со што локално е можно снег да се појави и во некои пониски предели.

Граѓаните се повикуваат на внимателност, особено поради можноста од поинтензивни врнежи, силен ветер и брзи промени на временските услови, додека се препорачува редовно следење на најновите метеоролошки прогнози и предупредувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни