Удвоени цени поради пад на производството
Како што објави Financial Times, мразот и штетниците оваа година значително го намалија родот на лешници во Турција. Земјата, која вообичаено произведува меѓу 600.000 и 700.000 тони годишно — речиси две третини од светската понуда — годинава би можела да собере само околу 500.000 тони, па дури и помалку.
Турското Министерство за земјоделство проценува род од приближно 450.000 тони, но производителите сметаат дека реалните бројки се многу пониски. Џемил Темиз, претседател на здружението Ulubey FISKOBIRLIK, за Financial Times изјави дека вистинскиот обем можеби нема да надмине ни 300.000 тони.
Гилс Хекинг, основач на лондонската компанија CH Hacking & Sons, вели дека цената на олущените лешници речиси се удвоила – од 9.000 на 18.000 долари по тон од јули наваму.
Ferrero привремено го прекина откупот
Малите производители во Турција, незадоволни од понудените цени, ги задржуваат своите залихи и одбиваат да продаваат на Фереро. Компанијата, пак, ја одложи куповната кампања и чека стабилизирање на пазарот.
Марко Бота, директор на одделот за набавка на лешници во Фереро, ја спореди ситуацијата со драмата на Семјуел Бекет „Чекајќи го Годо“, велејќи дека компанијата „станала Годо за кралевите на лешниците во Турција“.
Тој додаде дека Фереро моментално се снабдува со лешници од Чиле и од САД, каде што фирмата во изминатите две години ги проширила производствените капацитети. И покрај прекинот во откупот, Фереро останува посветен на долгорочните инвестиции во Турција, иако нема формален договор со Турскиот комитет за житарици (TMO).
Реакции на земјоделците и извозниците
Земјоделецот Саадетин Ирмакџи од Орду изјави дека неговиот принос оваа година паднал од 1,5 тони на само 30 килограми, нарекувајќи го растот на цените „неопходен и оправдан“. „Рибарите на Црното Море во еден ден заработуваат онолку колку што ние заработуваме за цела година“, рече тој.
Бакиџи, директор за извоз во компанијата Poyraz Fındık – една од петте најголеми извозници на лешници во Турција – предупреди дека постои страв од губење на дел од светскиот пазар. „Чиле агресивно се шири и има цел да достигне 200.000 тони во рок од 5 до 10 години“, изјави тој.
Според него, растечките трошоци за труд ја намалиле конкурентноста на Турција. „Лешниците се како јагнешко месо меѓу јаткастите плодови – висококвалитетни и со рафиниран вкус – но Турција не успеа да изгради сопствен бренд и долго време функционираше како подизведувач за европски компании“, додаде.
Структурни предизвици и ризици за пазарот
Во извештајот на Financial Times се нагласува дека Турција сè уште главно извезува суровини, а не готови производи. И покрај државните откупни цени што ги нуди TMO, претставниците на приватниот сектор велат дека тие цени се под пазарната вредност, што ги демотивира земјоделците.
Аналитичарите предупредуваат дека тековниот судир меѓу Фереро и турските добавувачи би можел да резултира со поскапување на Нутела на глобалниот пазар.
Од компанијата не сакаа да коментираат за можниот раст на цените, но признаа дека долготрајните нарушувања би можеле да влијаат врз производствените планови и снабдувањето на пазарот.
Извор: Index.hr