ЦУК со детален преглед по региони: Одрони и отежнат сообраќај на повеќе патни правци

По обилните врнежи и снегот, на повеќе локации низ државата се бележат одрони, поплавени површини и затворени локални патишта, соопшти Центар за управување со кризи.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека состојбата по обилните врнежи е стабилизирана во дел од регионите, но и натаму е потребно зголемено внимание, особено поради појави на одрони, поплавени земјоделски површини и непроодни локални патишта.

Во Пелагонискиот регион, во општините Битола, Могила и Новаци, водата постепено се повлекува од поплавените површини. Нивото на река Црна кај селото Новаци во 18:00 часот изнесувало 320 сантиметри. Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон селото Мренога е затворен за сообраќај, додека во атарот на селата Жван и Единаковци сè уште има излевање на реката Црна и поплавени поголеми земјоделски површини. Во Ресен, поради поројните врнежи, беа поплавени земјоделски површини, но водата се повлекува, а извршени се интервенции за расчистување на коритото на Голема Река.

Во југозападниот регион, во Охрид, на реката Сушица е изграден заштитен насип со што е спречено понатамошно излевање, но и натаму има поплавени подруми и дворови на повеќе локации. Во струшките села Мислешево и Калишта се евидентирани поплавени дворови, подрумски простории и земјоделски површини, при што санацијата е отежната поради проблеми со истекувањето на водата. Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање, додека на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга се појавуваат помали одрони кои редовно се расчистуваат.

Во западниот регион, во Кичево, водостоите на Зајашка Река и реката Треска се во опаѓање и нема опасност од нови поплави. Во тек се активности за расчистување на поплавените домови, дезинфекција и создавање основни услови за престој, додека евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.

Во Вардарскиот регион, во ридско-планинските подрачја околу Кавадарци се интервенира со механизација на неколку патни правци каде снежната покривка достигнува до 15 сантиметри.

Во североисточниот регион, патниот правец од селото П’клиште до селото Герман, во општина Ранковце, е непрооден поради снежни наноси и во тек е негово расчистување, додека на делницата Герман – П’клиште сообраќајот е отежнат поради кашест снег.

Во Полошкиот регион, патниот правец Тетово – село Бањиче, каде претходно имаше падната карпа, е расчистен и сообраќајот е нормализиран. На патот Гостивар – Маврово, кај каменоломот, сè уште има одрон и се преземаат активности за негово целосно отстранување.

Од ЦУК апелираат до граѓаните да се движат внимателно, особено по регионалните и планинските патишта, и да ги следат официјалните информации од надлежните институции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни