Црна Гора затвори уште пет поглавја во преговорите со Европската Унија

Со најновата одлука на Пристапната конференција, Црна Гора досега има привремено затворено 12 преговарачки поглавја на патот кон ЕУ

Црна Гора направи нов значаен чекор во процесот на европска интеграција, откако на 24. состанок на Пристапната конференција со Европската Унија беа привремено затворени уште пет преговарачки поглавја, соопшти Европскиот совет.

Станува збор за поглавје 3 (право на деловно основање и слобода на давање услуги), поглавје 4 (слободно движење на капитал), поглавје 6 (привредно право), поглавје 11 (земјоделство и рурален развој) и поглавје 13 (рибарство).

Министерката за европски прашања на Данска, Мари Бјере, која говореше во име на данското претседателство со Советот на Европската Унија, изјави дека ЕУ го поздравува напредокот што Црна Гора го постигнува во преговорите. Со ова, вкупниот број на привремено затворени поглавја се искачи на 12, што, според оценките на Брисел, претставува значаен исчекор на земјата кон членство во Унијата.

Од Европскиот совет потенцираат дека, доколку се појави потреба, Унијата има можност во соодветен момент повторно да се наврати на веќе привремено затворените поглавја. Воедно, се нагласува дека следењето на усогласувањето со правото на ЕУ и неговата практична примена ќе продолжи во текот на целиот преговарачки процес.

Поглавјето 5, кое се однесува на јавните набавки, беше привремено затворено уште на претходната Пристапна конференција, одржана на 27 јуни 2025 година.

Црна Гора досега ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја со Европската Унија. Сепак, согласно преговарачките принципи, дури и постигнатите договори по одделни поглавја не се сметаат за конечни сè додека не се постигне целосен договор за сите области опфатени со преговорите.

Делегацијата на Европската Унија на состанокот ја предводеше министерката Мари Бјере, со учество на еврокомесарката за проширување Марта Кос, додека црногорската делегација беше предводена од премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни