Црна Гора денес на Меѓувладината конференција во Брисел го затвори Поглавјето 21 – трансевропски мрежи. Со тоа, во пристапните преговори со Европската унија ѝ остануваат уште 19 од вкупно 33 поглавја.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, истакна дека напорната работа и посветеноста на Црна Гора се исплатиле, нагласувајќи дека таа е најнапредната земја во процесот на приклучување кон ЕУ. „Честитки за сите во Црна Гора. Затворањето на Поглавјето 21 е значаен чекор и сум сигурна дека ќе продолжите со одлично темпо“, рече Кос. Таа додаде дека земјата треба да продолжи со јакнење на владеењето на правото, независното и професионално судство и усогласување на визната политика со ЕУ.
Црногорскиот премиер, Милојко Спасиќ, истакна дека затворањето на Поглавјето 21 создава услови за развој на транспортните, енергетските и телекомуникациските системи според европските стандарди. „Инфраструктурата значи поврзување на луѓе, економија, можности и идеи. Овој чекор претставува многу повеќе од мрежи, тој е знак дека Црна Гора и нејзините граѓани се сè повеќе интегрираат во европското ткиво“, рече Спасиќ.
Тој додаде дека развојот на трансевропските транспортни и енергетски мрежи е стратешки приоритет за Црна Гора, во контекст на поширокиот систем на мобилност, логистика и економска интеграција во Европа. „Секој инфраструктурен проект се води од пошироката перспектива – како Црна Гора се поврзува со соседите и како Западниот Балкан се интегрира со ЕУ“, нагласи премиерот.
Црна Гора официјално ги започна преговорите за пристапување кон Европската унија во јуни 2012 година. Како лидер во преговорите на Западниот Балкан, земјата отвори сите поглавја и досега затвори 14, со цел технички да го заврши процесот до крајот на 2026 и да стане членка на ЕУ во 2028 година.