Црна Гора – нов туристички бисер на Европа

Црна Гора се позиционира како ексклузивна туристичка дестинација со луксузни хотели, недопрена природа и богато културно наследство, привлекувајќи милиони посетители годишно.

Со нешто повеќе од 620.000 жители, Црна Гора сè појасно се позиционира како ексклузивна туристичка дестинација, рамо до рамо со Шпанија и Хрватска. Наместо масовен туризам, земјата се определува за стратегија базирана на квалитет и одржлив развој, што веќе носи резултати со околу 2,5 милиони посетители годишно. Туризмот учествува со значителен дел во националната економија и претставува еден од нејзините клучни столбови.

Во изјава за Euronews, министерката за туризам Симонида Кордиќ нагласува дека целта е земјата да се изгради како препознатлива луксузна дестинација со висококвалитетни услуги и сместување. Речиси недопрената природа, можностите за активен одмор и автентичните искуства се главните адути со кои Црна Гора привлекува сè побројни гости од Европа и светот.

На црногорското приморје веќе инвестираат реномирани хотелски брендови како Hilton, Hyatt, Meliá Hotels International, Radisson Hotel Group и Iberostar. Луксузните комплекси, особено во ексклузивни зони како Porto Montenegro и Бока Которска, дополнително ја зацврстуваат позицијата на земјата на туристичката мапа. Истовремено, се проширува и авионската поврзаност со бројни европски метрополи, што ја прави дестинацијата уште подостапна.

Географската положба меѓу Истокот и Западот ѝ дала на земјата богат културен слој, видлив во архитектурата, гастрономијата и традицијата. Во релативно кратко растојание може да се доживее планински пејзаж и морски хоризонт, што претставува ретка предност во Европа. Петте национални паркови, меѓу кои и Национален парк Дурмитор, кој е под заштита на UNESCO, сведочат за природното богатство на земјата. Во негова близина се наоѓа и кањонот на реката Тара, еден од најимпресивните во светот.

Меѓу најпознатите туристички центри се издвојува Будва, препознатлива по долгата историја, плажите и динамичниот ноќен живот. На југ се наоѓа Улцињ со својата прочуена Велика плажа, додека Котор, стар средновековен град под заштита на UNESCO, привлекува со својата архитектура и уникатен амбиент. Историското Цетиње пак ја отсликува државничката традиција на земјата.

Со комбинација од планини, кристално чисто Јадранско Море, богато културно наследство и јасна стратегија за развој, Црна Гора сè повеќе се наметнува како автентична и атрактивна алтернатива за современите патници кои бараат квалитетно и поинакво туристичко искуство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни