Пустината во близина на Лас Вегас криела сцена од хорор-филм: стотици купови пепел и уситнети човечки коски откриени под горешкото сонце, без обележја, имиња или трага кој ги оставил таму. Федералните истражители сè уште не можат да одговорат на прашањето – кој ги оставил човечките остатоци среде песокот?
Првото откритие било направено на 28 јули, кога жител на Срчлајт, мало место еден час јужно од Лас Вегас, случајно налетал на купови што личеле на прав и коски. Неколку дена подоцна, Уредот за управување со земјиштето на САД потврдил дека навистина станува збор за кремирани човечки остатоци.
Досега, Palm Mortuaries and Cemeteries собрале повеќе од 315 купови пепел, но во околината биле пронајдени уште неколку нови локации, што ја проширило истрагата. Се претпоставува дека остатоците биле расфрлани со месеци, можеби и години.
Иако законот на државата Невада дозволува поединци да расфрлаат пепел на јавно земјиште, комерцијалната дистрибуција на човечки остатоци е строго забранета. Поради тоа, истражителите се сомневаат дека зад сè стои погребално претпријатие што незаконски се ослободувало од остатоците на починати лица. Засега, сепак, никоја компанија не е обвинета.
Во обид да се врати достоинството на заборавените, Palm Mortuaries најави дека ќе ги погреба сите собрани остатоци во заедничка гробница, каде што – кога ќе биде можно – ќе им бидат додадени имиња и ознаки.
„Важно е овие луѓе да не бидат заборавени,“ изјави Селена ДиЛуло, претседателка на компанијата. „Нашата професија постои за да покаже грижа и човечност, дури и кога останува само пепел.“
Се појавија и шпекулации дека случајот би можел да е поврзан со неодамна затворена погребална фирма, но властите потврдија дека не постои врска со компанијата McDermott’s Funeral Home, која беше затворена во август поради прекршоци.
Меѓу песочните дини на Невада, оваа приказна ја отвори една од највознемирувачките истраги во поновата американска историја – прашање не само за кривична одговорност, туку и за границите на човечкото достоинство во индустријата на смртта.