Сè што треба да знаете за чистењето на клима-уредот

Како правилното одржување ја штити вашата средина здрава и го продолжува векот на уредот.

Клима-уредот е еден од најкористените уреди во топлите месеци, но неговата ефикасност и безбедност зависат од тоа колку често и правилно се одржува. Внатрешноста на климатизерот претставува темна и влажна средина која е идеална за развој на прашина, микроорганизми, габи и бактерии. Ако не се чисти навремено, климатикот може да шири непријатни мириси, да го намали квалитетот на воздухот во домот и да ја ослаби својата способност за ладење токму кога е најпотребно.

Редовното одржување е клучно за здрав воздух и ефикасна работа. Филтрите се местото каде што се задржува најголемиот дел од нечистотијата, па токму нивното запоставување доведува до послабо ладење и циркулација на воздух полн со штетни честички. Кога филтерот е затнат, уредот работи потешко, троши повеќе енергија и го оптоварува моторот, што го скратува неговиот работен век.

Чистењето на надворешната единица може да се изведе со благ агенс или средство специјално наменето за климатизација. Потребно е внимателно бришење на површината и избегнување на директен контакт со чувствителните електрични делови. Бидејќи проверката на вентилаторот, компресорот и состојбата на фреонот бара стручни алатки, овој дел најчесто е најдобро да се препушти на овластен сервисер.

Внатрешната единица бара уште повеќе внимание, бидејќи токму таа го филтрира воздухот што го дишеме. По исклучување на уредот, капакот се подигнува и филтрите се вадат. Најдобро се чистат со млака вода и благ сапун, а по потреба може и да се дезинфицираат со 70% алкохол. Важно е да се остават целосно да се исушат пред да се вратат во уредот. Додека филтрите се надвор, внатрешноста може да се исчисти со правосмукалка со внимателно отстранување на вишокот прашина, но за целосно детално чистење најсигурно е да се повика стручно лице.

Колку често ги чистите климите зависи од начинот на користење. Еднаш годишно е доволен за таканаречениот „голем сервис“, додека филтрите е препорачливо да се чистат еднаш месечно. Во домаќинства каде што има пушачи или поголеми нивоа на прашина, филтрите може да се чистат и почесто, дури и на секои две недели.

Правилното и редовно одржување не е само препорака – тоа е инвестиција во здравјето на сите што живеат или работат во просторот. Добро исчистениот клима-уред создава подобар квалитет на воздух, работи помирно, троши помалку енергија и трае значително подолго. Со навремено чистење, летните горештини стануваат многу поподносливи, а домот или работното место остануваат пријатно и безбедно опкружување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни