„Чуварите на формулата“ на Бјелогрлиќ вечерва го затвора „Киненова“

По фестивалите во Локарно и Сараево, вечерва во 20 часот во скопското кино „Синеплекс“ ќе се одржи македонската премиера на играниот филм „Чуварите на формулата“ во режија на Драган Бјелогрлиќ. Со филмот ќе биде затворено осмото издание на фестивалот „Киненова“.

„Чуварите на формулата”, базиран на романот „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ, е возбудлива филмска приказна инспирирана од вистински настан во Институтот Винча кој се случил пред 65 години, на 15 октомври 1958 година. Несреќен случај, кога тим од најголемите умови на тогашна Југославија, за време на експеримент во нуклеарен реактор, бил изложен на смртоносна доза на радијација. Тие ќе станат првите пациенти во историјата на светската медицина на кои им е извршена трансплантација на коскена срцевина во познатиот институт „Кири“ во Париз.

Сценариото е Вук Ршумовиќ, а како ко-сценаристи се потпишуваат Бјелогриќ и Огњен Свиличиќ, кинематографер е Иван Костиќ, сценографијата е на Јелена Сопиќ и Јована Цветковиќ, костимографка е Марина Вукасовиќ Меденица, а македонски автори со свој придонес во филмот се Горан Игњатовски како автор на маска и Игор Поповски како снимател на звук.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Алексис Маненти, Радивоје Буквиќ, Лионел Абелански, Жереми Лаер, Оливије Бартелеми, Огњен Миќовиќ, Јован Јовановиќ, Ан Сера, Алиса Радаковиќ, Жан-Луи Кулок, Седрик Апието, Предраг Мики Манојловиќ и Драган Бјелогрлиќ.

„Чуварите на формулата” е копродукција меѓу „Кобра филм“ и „Тон филм“ од Србија, „Скопје филм студио“ од Македонија, „Перфо продукција“ од Словенија и „Битер фрејмс“ од Црна Гора, поддржани од националните фондови на овие земји и „Еуримаж“.

Драган Бјелогрлиќ е и продуцент на филмот со Драган Шолак, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ, Алеш Павлин, Андреј Штритоф, Томи Салковски, Ѓорѓе Војводиќ и Дејан Чакајац.

Најново

Последни колумни