Чудниот свет на уринотерапијата: древен лек или опасен тренд?

Пред да влезе во рингот со Флојд Мејведер во 2009 година, мексиканскиот боксер Хуан Мануел Маркез наводно практикувал терапија со урина – древна практика која вклучува пиење сопствена урина.
Фото: Emma Line/Flickr

Тој не е единствениот славен поддржувач на оваа метода. Поранешниот премиер на Индија, Морарџи Десаи, тврдел дека една чаша урина дневно му помогнала да живее долго и здраво. Колку и да звучи бизарно, оваа практика, позната како урофагија, има свои корени во илјадници години стара „традиција“.

Историски гледано, луѓето верувале дека урината лекува се – од астма до рак. Во античкиот Рим, поетот Катул верувал дека урината ги избелува забите. Во традиционалната ајурведска медицина, се користела за третман на алергии, варење, па дури и брчки. Поддржувачите тврдат дека со пиењето урина повторно се внесуваат витамини и антитела кои инаку би се изгубиле. Британскиот натуропат Џон В. Армстронг во својата книга Вода на животот од 1945 година, ја велича како природен еликсир.

Но, експертите предупредуваат. Според Дајпа Камдар, предавачка по фармацевтска пракса на Универзитетот „Кингстон“, урината главно е составена од вода и отпадни материи – уреа, креатинин, соли.

„Ако урината е средство преку кое телото се ослободува од вишоци и нечистотии, тогаш враќањето на тие материи во телото нема многу логика“, вели таа. Иако може да содржи витамини или хормони, количините се премали за да имаат реален ефект, а суплементите се далеку поефикасни.

Терапијата со урина носи сериозни ризици – внесување бактерии, стомачни инфекции и дополнително оптоварување на бубрезите. Некои лекови, како антибиотиците или медикаменти за срце, се излачуваат преку урината. Со повторното внесување, може да дојде до натрупување на токсични нивоа во телото. Бубрезите имаат потреба од чиста вода за да ги обработат солите.

И покрај недостатокот на научни докази, уринотерапијата и понатаму е популарна, особено на социјалните мрежи, каде што влијателни личности ја промовираат како метод за детоксикација и нега на кожа. Некои веруваат дека помага при автоимуни болести и алергии. Но, како што вели Камдар: „Овие тврдења можат да звучат револуционерно, но без конкретни истражувања остануваат во областа на ризичната псевдонаука. За вистински третмани – ни треба медицина, а не мит.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни