Чилеанскиот претседател: Денес е Венецуела, утре може да биде која било друга земја

Претседателот на Чиле, Габриел Борич, остро го осуди американскиот напад врз Венецуела, предупредувајќи дека кршењето на суверенитетот претставува опасен преседан.

Чилеанскиот претседател Габриел Борич остро го осуди нападот на САД врз Венецуела и најавата за преземање директна контрола над територијата на таа јужноамериканска земја.

„Почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите е црвена линија што под никакви услови не смее да се премине. Денес тоа е Венецуела, утре тоа може да биде која било друга земја“, изјави Борич од палатата Ла Монеда, седиштето на чилеанската влада во Сантијаго.

Борич, претседател со хрватско потекло, во текот на своите четири години на власт беше еден од најгласните критичари на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

„Суверенитетот не е пука формалност, туку суштинска гаранција што ги штити земјите од надворешни сили и од владеењето на законот на најсилниот“, рече тој.

Прес-конференцијата на Борич беше одржана неколку минути откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека неговата администрација ќе управува со Венецуела за време на преодниот период и дека американски компании ќе дојдат во земјата за експлоатација на нафта.

„Заканата од еднострана надворешна контрола врз нејзините природни или стратешки ресурси претставува сериозно кршење на принципот на територијален интегритет и ја загрозува безбедноста, суверенитетот и стабилноста на сите држави во регионот. Ако тоа можат да го направат таму, зошто не би можеле да го направат и некаде на друго место во иднина?“, праша Борич.

Тој смета дека агресијата врз Венецуела е „дел од алармантен геополитички контекст во кој силата сè повеќе ги заменува правилата како механизам за решавање меѓународни конфликти“.

„Нормализацијата на оваа логика го нарушува мултилатералниот систем, ја слабее демократијата на глобално ниво и ги изложува сите земји, особено оние со помала релативна моќ, на еднострани одлуки наметнати со воена сила“, додаде претседателот, кој се појави заедно со неколку свои министри.

Борич ги повика Обединетите нации да преземат „активна и итна улога“ во кризата и посочи дека неговата влада ги надгледува чилеанските граници „во исчекување на можен пораст на миграциските текови од Венецуела кон Чиле“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни