Четврт ден од протестите во Србија – отпор што не стивнува

Граѓанската непослушност и масовните блокади на клучни сообраќајници продолжуваат и денес во четврт ден од протестите низ Србија, со недвосмислена порака: граѓаните нема да се повлечат.

Во текот на вчерашниот ден блокади беа организирани во повеќе од 20 градови, меѓу кои Белград, Нови Сад, Младеновац, Крушевац, Чачак, Суботица, Краљево, Пожаревац, Смедерево, Лајковац, Лазаревац, Лесковац, Параќин, Ќуприја, Горни Милановац, Сремска Митровица, Шабац, Нови Пазар

Во Нови Сад, каде вчера се навршија осум месеци од трагедијата со уривањето на надстрешницата, граѓаните одржаа комеморативен собир на самото место на несреќата. Потоа, во знак на револт, фрлија ѓубре пред просториите на СНС во градот.

Студентите се сѐ погласни – Правниот факултет ги повика сите на стопирање на работа сè додека не се исполнат барањата. Во меѓувреме, студентите кои беа приведени поради наводно кршење на уставниот поредок се пуштени, иако обвинителството најави жалби на одлуките за нивно ослободување.

Вчера беше одржан собир на поддршка пред Третиот основен суд во Белград, поради апсењето на матурантот Божо Васовиќ, кој околу 9:30 часот бил пуштен од притвор.

И покрај инцидентите и заплашувањата, протестите продолжуваат. Четврти ден по ред, граѓаните на Србија го бранат својот глас, институциите молчат, а притисокот на улиците расте.

Денешниот ден ќе покаже дали властите ќе ги слушнат барањата или ќе се продлабочи конфликтот со сѐ погласното и поорганизирано незадоволство ширум земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни