Во рамките на 26. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама – Битола, свечено беше промовирана монографијата „Четврт век Интернационален фестивал на монодрама – Битола“ – книга што претставува значаен културен запис и жив доказ за долготрајната љубов кон театарот и моќта на индивидуалната актерска изведба.
Настанот, кој се одржа во срдечна и свечена атмосфера, го отворија и збогатија со свои инспиративни обраќања Љупка Коларова Пајевиќ, Маја Андоновска Илијевски, Билјана Крајчевска и проф. д-р Сашо Димоски.
„Ова е монументално дело – не само историја, туку и своевиден учебник,“ – изјави Љупка Коларова Пајевиќ, која со емоции говореше за вложениот труд, љубов и истрајност во изминатите 25 години. Таа изрази благодарност до сите поединци и тимови кои придонеле за континуитетот и квалитетот на фестивалот, особено нагласувајќи ја улогата на публиката како двигател на оваа културна традиција.
Маја Андоновска Илијевски ја нарече монографијата „жив сведок на страста и вербата во моќта на монодрамата“, изразувајќи благодарност до сите кои со години го граделе фестивалот. Посебно ја истакна посветеноста на Љупка Коларова Пајевиќ – „душата на фестивалот“, и ја потенцираше улогата на меѓународната поддршка од ИТИ – УНЕСКО, како и визуелниот идентитет на книгата, создаден од дизајнерот Димитар Ристовски.
Авторите на монографијата, проф. д-р Сашо Димоски и Билјана Крајчевска, го поделија патот на создавање на ова дело.
„Сакавме повеќе од хронологија – сакавме жива, човечка приказна,“ рече Крајчевска, додека Димоски нагласи дека книгата ја раскажува не само историјата на фестивалот, туку и приказната за Битола како град-домаќин на една посебна уметничка традиција.