Четиричасовен протест денеска пред Владата во Белград: „Знаењето не е стока, студентите не се клиенти“

Студентите во блокада и иницијативите Обединето просветителство на Србија и Побунет универзитет најавија четиричасовен протест под мотото „Да ги одбраниме универзитетите“, денеска од 15 до 19 часот пред Владата на Србија во Белград.

Преку протестот се бара укинување на владината уредба „5/35“ со која се менува структурата на работа на факултетите, распуштање на работната група за изработка на нов закон за високо образование, откажување од комерцијализација и ваучеризација на образованието, како и распишување вонредни парламентарни избори.

„Поради иднината на Србија, мора заедно да го одбраниме јавното високо образование и автономијата на универзитетот. Единствениот начин да се спречи уништувањето на образованието е со распишување вонредни избори“, се вели во заедничката најава на социјалните мрежи.

Организаторите додаваат дека денес го бранат универзитетот, затоа што без слободен универзитет – нема слободно општество.

„Затоа што знаењето не е стока. Студентите не се клиенти. Образованието не е привилегија – туку јавно добро“, стои во објавата.

Тие оценуваат дека универзитетот во Србија е под напад – преку незаконската уредба на Владата, обидите за укинување на автономијата и преку комерцијализацијата, поради што „утре можеби повеќе и нема да постои“.

„Дојди. Ако си студент – доаѓаш поради себе. Ако си родител – доаѓаш поради своите деца. Ако си граѓанин – доаѓаш затоа што знаеш дека без знаење нема слобода. Ако сега не застанеме – утре нема да имаме за што“, се вели во повикот за протестот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни