Преку протестот се бара укинување на владината уредба „5/35“ со која се менува структурата на работа на факултетите, распуштање на работната група за изработка на нов закон за високо образование, откажување од комерцијализација и ваучеризација на образованието, како и распишување вонредни парламентарни избори.
„Поради иднината на Србија, мора заедно да го одбраниме јавното високо образование и автономијата на универзитетот. Единствениот начин да се спречи уништувањето на образованието е со распишување вонредни избори“, се вели во заедничката најава на социјалните мрежи.
Организаторите додаваат дека денес го бранат универзитетот, затоа што без слободен универзитет – нема слободно општество.
„Затоа што знаењето не е стока. Студентите не се клиенти. Образованието не е привилегија – туку јавно добро“, стои во објавата.
Тие оценуваат дека универзитетот во Србија е под напад – преку незаконската уредба на Владата, обидите за укинување на автономијата и преку комерцијализацијата, поради што „утре можеби повеќе и нема да постои“.
„Дојди. Ако си студент – доаѓаш поради себе. Ако си родител – доаѓаш поради своите деца. Ако си граѓанин – доаѓаш затоа што знаеш дека без знаење нема слобода. Ако сега не застанеме – утре нема да имаме за што“, се вели во повикот за протестот.