Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација во моментов преговара со четири различни групации за продажба на популарната социјална платформа TikTok. Според него, сите опции се добри и деловната трансација би можела да биде финализирана наскоро.
Идната на TikTok во Америка е неизвесна од 19 јануари, кога на сила стапи законот кој бара кинескиот сопственик ByteDance да ја продаде апликацијата поради национална безбедност, или ќе се соочи со целосна забрана. Трамп, по преземањето на претседателската функција на 20 јануари, потпиша извршна наредба со која го одложи применувањето на овој закон за 75 дена, што отвори простор за преговори.
Турбуленциите околу TikTok привлекоа внимание на неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се најде и поранешниот сопственик на LA Dodgers, Френк Макорт, кој изрази интерес за брзо растечката платформа. Аналитичарите проценуваат дека вредноста на TikTok може да достигне и до 50 милијарди долари, што го прави еден од највредните дигитални брендови на пазарот. Продажбата на TikTok би претставувала еден од најголемите технолошки договори во историјата и значително ќе влијае на глобалниот пазар на социјални мрежи.
Барањето за продажба на TikTok е дел од поширокиот конфликт помеѓу САД и Кина за технолошка доминација и безбедност на податоците. Американски официјални лица веќе подолго време изразуваат загриженост дека кинеската влада може да има пристап до податоците на американските корисници преку ByteDance, што компанијата доследно го негира.
Резултатот од оваа ситуација ќе има значајни последици не само за милионите корисници на TikTok во САД, туку и за иднините односи помеѓу технолошките компании и државните регулатори ширум светот.