Чешкиот претседател Петр Павел во Прашкиот замок ја прифати оставката на владата, која претходно денеска ја поднесе кабинетот на премиерот Петр Фијала, и го замоли да продолжи со извршување на своите должности сè додека не се именува нова влада.
Павел го задолжи лидерот на партијата АНО, Андреј Бабиш, да формира нова влада, која се очекува да биде во коалиција со партиите „Слобода и директна демократија“ (СПД) и „Мотористи“.
Тој му се заблагодари на кабинетот на Фијала за досегашната работа и ја пофали неговата надворешна и безбедносна политика.
Фијала изјави дека неговата влада ќе обезбеди достојно примопредавање на власта и дека ја остава земјата во подобра состојба отколку пред четири години, кога ја презел функцијата премиер.
Владата на десниот центар на премиерот Фијала ја поднесе оставката денеска по поразот на парламентарните избори, одржани на 3 и 4 октомври.
Претходно синоќа, лидерот на крајно десничарската партија СПД, Томио Окамура, беше избран за претседавач на Долниот дом на чешкиот Парламент, што претставува прво именување во рамките на новоформираната коалиција на популистичкиот политичар и милијардер Андреј Бабиш со маргинални десничарски политички организации.