По речиси еден месец и многу натпревари, рекордни 32 учесници, вечерва конечно ќе го дознаеме името на новиот клупски шампион на светот, бидејќи победникот на претходното Светско првенство – Манчестер Сити, одамна испадна и се подготвува за новата сезона.
Вечерва од 21.00 часот по средноевропско време на стадионот во Њу Џерси во финалето ќе се сретнат победникот на последната Лига на шампиони – Пари Сен Жермен и победникот на последната Конференциска лига – Челзи.
Двете екипи имаа речиси идентичен пат до финалето – по две победи и еден пораз во групната фаза, а потоа по три победи во елиминациските натпревари. Формата на тимовите е импресивна. Челзи забележа 13 победи на последните 15 натпревари, додека ПСЖ е во серија од 10 победи на последните 11 средби.
Менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, вели дека ова е само уште еден доказ за прогресот на тимот.
„Имавме неверојатна сезона, завршивме меѓу најдобрите четири во Премиер лигата, ја освоивме Конференциската лига и сега сме во финале на светски турнир. Среќни сме, но сакаме уште“, истакна Мареска.
Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, е подеднакво амбициозен во пресрет на финалето.
„Ова е посебна сезона за нас. Имаме силен ривал во Челзи, но ние сме фокусирани и сакаме да испишеме историја за клубот. Подготвени сме“, рече Енрике.