ChatGPT под закана од најстроги правила на ЕУ откако достигна 120 милиони корисници месечно!

ChatGPT може да биде класифициран како „многу голема онлајн платформа“ според Дигиталниот акт за услуги на ЕУ, откако пријави над 120 милиони активни корисници месечно во Европа. Следува можен надзор и построги регулативи.

Популарниот вештачки интелигентен бот ChatGPT може наскоро да се најде под најстрогите правила на Европската Унија за онлајн платформи, откако компанијата OpenAI соопшти дека апликацијата има над 120 милиони активни корисници месечно во Европа.

Според Дигиталниот акт за услуги (DSA) на ЕУ, платформи со над 45 милиони корисници месечно се класифицираат како „многу големи онлајн платформи“ и подлежат на значително построги правила – меѓу кои се обврски за транспарентност, редовно известување, и повисоки надзорни такси. Целта е поголема контрола врз ширењето на нелегални содржини и дезинформации.

Во изјава од вторник, OpenAI информираше дека „во шестмесечниот период заклучно со 30 септември 2025 година, ChatGPT search имал приближно 120.4 милиони просечни месечни корисници во ЕУ“. Се напоменува дека се работи само за функционалноста за пребарување, а не за целокупната употреба на ChatGPT.

Портпарол на Европската комисија во среда потврди дека Комисијата е информирана за бројките и дека е започната проценка дали ChatGPT треба да биде официјално класифициран под DSA. Ако тоа се случи, бројот на вакви платформи под директна надлежност на Комисијата ќе се искачи на 26.

Инаку, во септември ChatGPT пријави 700 милиони активни корисници неделно на глобално ниво.

Првата група на вакви платформи беше објавена во 2023 година, а ја вклучуваше Facebook, Instagram, TikTok, Amazon, LinkedIn и други. Под DSA, овие платформи се под директен надзор на Европската комисија, додека останатите се следени од националните тела во земјите-членки.

Во тек се неколку истраги за можно прекршување на правилата, вклучително и против TikTok, Instagram и AliExpress, но сè уште нема конечни одлуки

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни