AI сега може да ги „чита“ вашите медицински наоди: што е ChatGPT Health и што (не) може да направи

Нова алатка на OpenAI овозможува поврзување на здравствени податоци и полесно разбирање на медицинските резултати, но не служи за дијагноза или лекување.

OpenAI ја претстави новата функционалност ChatGPT Health, алатка вградена во ChatGPT која им овозможува на корисниците да поврзат медицинска документација и податоци од апликации за следење на здравјето, со цел полесно разбирање на сопствените медицински наоди и следење на здравствени обрасци низ подолг временски период.

Од компанијата јасно нагласуваат дека ChatGPT Health нема дијагностичка или терапевтска улога. Наместо тоа, алатката е замислена како информативна и организациска поддршка која им помага на корисниците подобро да се снајдат во сложените медицински информации и да се подготват за разговори со здравствени професионалци.

„ChatGPT Health е уште еден чекор кон тоа ChatGPT да стане личен супер-асистент што им помага на луѓето со информации и алатки во различни аспекти од животот“, напиша Фиџи Симо, извршна директорка за апликации во OpenAI, во објава на Substack.

Според податоците на компанијата, здравјето веќе претставува една од најчестите теми за кои луѓето го користат ChatGPT. Повеќе од 230 милиони корисници ширум светот секоја недела поставуваат прашања поврзани со здравје, исхрана, симптоми и општа благосостојба, што укажува на растечката улога на дигиталните алатки во секојдневната грижа за здравјето.

Клучна карактеристика на ChatGPT Health е можноста за поврзување на различни извори на лични здравствени податоци. Корисниците можат да интегрираат медицински наоди и податоци од апликации за следење на здравјето, како Apple Health, Function и MyFitnessPal. Во таков случај, ChatGPT може да помогне во поедноставено толкување на лабораториски резултати, подготовка на прашања за лекарски прегледи, добивање општи насоки за исхрана и физичка активност, како и подобро разбирање на сопствените здравствени навики.

Од OpenAI повторуваат дека сите овие функции се исклучиво информативни и дека алатката не дава медицински препораки, не поставува дијагнози и не носи одлуки за терапија. Таа не е наменета ниту за итни или акутни здравствени состојби.

„ChatGPT Health е осмислен за да ја поддржи, а не да ја замени медицинската грижа. Целта е корисниците подобро да ги разберат долгорочните обрасци во сопственото здравје и поинформирано да пристапат кон разговорите со лекарите“, порачуваат од компанијата.

Алатката е развивана во соработка со лекари од различни делови на светот. OpenAI наведува дека во последните две години работел со повеќе од 260 лекари од 60 земји и од десетици медицински специјалности, кои дале над 600.000 повратни информации за одговорите на моделот во здравствени контексти.

Иако интересот за ChatGPT Health е голем, алатката засега е достапна само за ограничен број корисници, главно во САД. Во оваа фаза не се вклучени корисници од Европскиот економски простор, Швајцарија и Обединетото Кралство, поради построгите регулативи за заштита на личните и здравствените податоци. Тоа значи дека ChatGPT Health моментално не е достапен ниту во Северна Македонија, а сè уште нема официјална информација кога би можел да биде.

Од OpenAI најавуваат дека планираат постепено проширување на достапноста на алатката на веб и iOS платформите, откако системот дополнително ќе се тестира и унапреди.

Од компанијата на крајот подвлекуваат дека ChatGPT Health е замислен како алатка за подобро разбирање на сопственото здравје и за поинформирана комуникација со здравствени професионалци, додека одговорноста за медицинските одлуки и понатаму останува исклучиво кај лекарите и здравствениот систем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни