На сабредитот r/Dataisbeautiful, корисникот Нејтан Смит го опиша својот проект како шестмесечен тест за тоа како ChatGPT се снаоѓа во избор на потценети акции. Според графиконите што ги објави, неговото портфолио пораснало за 25% во првиот месец – од 100 на 125 долари. Иако станува збор за мал износ, приносот е значителен во споредба со традиционалните финансиски индекси како што се S&P 500, кој во истиот период пораснал помалку од 3%.
Смит користи напреден јазичен модел на OpenAI – ChatGPT – кој секојдневно го ажурира со пазарни податоци. Иако концептот беше да се испита дали AI може да управува со пари без човечка интервенција, тој признава дека и натаму внесува податоци секој ден и ги следи правилата на тргување. Применува строги „stop-loss“ правила: ако некоја акција падне под одредена цена, ChatGPT веднаш ја продава.
Ова не е прв ваков обид. Истражувања од Универзитетот Дуисбург–Есен укажуваат дека AI моделите навистина можат да препознаат профитабилни акции, но други експерти, како професорот Алехандро Лопез-Лира од Универзитетот на Флорида, предупредуваат дека ваквите експерименти честопати се преценети и дека резултатите во реални услови можеби не би биле толку импресивни.
Смит вели дека идејата за експериментот ја добил откако бил преплавен со реклами кои ветувале лесна заработка со помош на AI. Скептичен кон ваквите тврдења, решил да го испроба сценариото во практика. И покрај ограничениот буџет, резултатите досега се позитивни и отвораат прашања за тоа колку далеку може да оди вештачката интелигенција во финансиското планирање и инвестициите.
Крајната цел на експериментот е да се види дали ChatGPT ќе успее да го зголеми портфолиото до крајот на декември. Се поставува прашањето – дали иднината на финансискиот менаџмент е веќе тука?