Вештачката интелигенција преку разни алатки веќе сериозно навлезе во секојдневниот живот на луѓето, без разлика дали таа ја користат за професионални или лични цели.
Една од најпопуларните и најкористени алатки е секако Чат ЏПТ која има десетици милиони корисници и кои многумина ја сметаат за најдобра, но и најточна апликација.
Но, оваа апликација сепак за разочарување на многумина не е совршена и знае да даде и неточни одговори.
А еден таков погрешен одговор даде и на прашање поврзано со Скопје, Македонија.
Имено, на прашањето „Кога за првпат настапија Масив Атак во Скопје, Чат ЏПТ го одговори следново: „Масив Атак за првпат настапија во Скопје на 3 јуни 2008 година. Концертот се одржа на Скопското кале и беше дел од нивната тогашна европска турнеја. Настанот беше многу значаен за локалната музичка сцена, бидејќи се работеше за прв настап на овој култен трип-хоп бенд во Македонија“

Но, овој одговор за жал не е точен. Прв настап на Масив Атак во Скопје е во 2006 година, во организација на Скопски џез фестивал и „Пасворд“. Концертот се одржа на Скопски саем, а гостинка беше Лиз Фрејзер. Вториот настапе е во 2010 година, на фестивалот „Скопје гори“ на скопско Кале, а вечерва, Масив Атак по трет пат настапува во Скопје, на Стадионот на АРМ во рамки на фестивалот „Скопје колинг“
Оваа грешка на Чат ЏПТ го потврдува она што директорот на оваа компанија, Сем Алтман го кажа пред светската јавност пред неколку денови.
„Луѓето имаат многу висок степен на доверба во ChatGPT, што е интересно, бидејќи вештачката интелигенција халуцинира. Тоа сепак треба да биде технологија на која не треба да ѝ верувате толку многу“, рече тој.