За велигденските празници Скопје повторно ќе се движи со поретки автобуси, откако ЈСП најави дека од петок, 10 април, до понеделник, 13 април, ќе важи неделен возен ред. Тоа значи поредок јавен превоз токму во денови кога дел од граѓаните и натаму ќе одат на работа, ќе патуваат до болници, станици или до семејствата на другиот крај од градот.
Јавното сообраќајно претпријатие соопшти дека автобусите за време на празниците ќе сообраќаат според неделен распоред, односно со помал интензитет од вообичаениот работен режим. Во пракса, тоа за патниците значи подолго чекање и помалку достапни линии во период кога дел од градот мирува, но секојдневните обврски за многумина не запираат.
Според најавата, во сабота билетарниците и центрите за персонализација ќе работат редовно. Во петок и недела дежурна ќе биде само билетарницата на Транспортен центар, додека во понеделник тие нема да работат. Жичницата на Водно ќе функционира од петок до недела, а во понеделник ќе биде затворена.
Јавниот превоз во Скопје и онака подолго време се соочува со нередовност, доцнења и недостиг од возила. Од вкупно 341 автобус, дневно исправни се околу 185, а на линиите излегуваат приближно 157, додека просечната старост на возниот парк е над 13 години. Во такви услови, секое дополнително проретчување на редот на возење уште повеќе го отежнува секојдневното движење низ градот.