Португалија се соочува со зголемен ризик од поплави поради бурата „Марта“, соопшти националниот командант на Цивилната заштита Марио Силвестре. Највисокото ниво на тревога останува на сила до сабота, поради опасност од излевање на повеќе реки и очекувани екстремни временски услови во текот на ноќта.
Според информациите пренесени од „Diário de Notícias“, најголемата загриженост е поврзана со реките Доуро, Мондего и Тахо, каде што високите водостои се дополнително засилени од испуштањата на вода од шпанските брани. Комбинацијата од обилни врнежи и веќе заситено земјиште го зголемува ризикот од брзи поплави.
„Очекуваме интензивни врнежи и налети на ветер до 100 километри на час. Поради заситеноста на почвата и оштетената инфраструктура, неопходна е максимална претпазливост за да се избегнат дополнителни проблеми и жртви“, изјави Силвестре.
Цивилната заштита предупредува дека ефектите од бурата „Марта“ ќе продолжат и во наредните денови. Во моментов се активирани 89 општински и седум окружни планови за вонредни состојби, а локалните власти асистираат при евакуации во најзагрозените подрачја.
Од минатиот викенд досега се регистрирани 7.517 инциденти поврзани со невремето, а околу 884 лица биле принудени да ги напуштат своите домови во различни делови од земјата. Надлежните апелираат граѓаните да ги следат официјалните известувања и да избегнуваат ризични движења во близина на водотеци.
