Бројот на загинати во сударот на два воза на југот на Шпанија се искачи на 39 лица, соопштија надлежните, објавува El País.
Несреќата се случила во местото Адамуз, во покраината Кордоба, кога брз воз што сообраќал на релација Малага–Мадрид, со околу 300 патници, излетал од шините и се судрил со друг воз кој доаѓал од спротивен правец и превезувал 184 патници.
Според последните информации, најмалку 73 лица се повредени, од кои 24 се во тешка состојба. Неколку вагони од вториот воз паднале по насип висок околу четири метри, што значително го отежнало пристапот до местото на несреќата, соопшти андалузискиот министер.
Министерот за транспорт на Шпанија, Оскар Пуенте, несреќата ја опиша како „исклучително чудна“, нагласувајќи дека се случила на прав дел од пругата, која била обновена во мај годинава. Тој изрази уверување дека истрагата ќе ги разјасни причините за сударот.
Поради тежината на трагедијата, шпанскиот премиер Педро Санчес ги откажа сите официјални обврски за денес.