Бројот на загинати од разорниот земјотрес што го погоди Авганистан пред два дена се искачи на повеќе од 1.400 лица, соопштија талибанските власти.
„Досега е потврдено дека најмалку 1.411 лица загинале, 3.124 се повредени, а повеќе од 5.400 куќи се целосно уништени“, изјави портпаролот на талибанската администрација, Забихулах Муџахид.
Според Ројтерс, денес југоисточниот дел на Авганистан го погоди уште еден земјотрес со јачина од 5,5 степени, што предизвикува стравувања од дополнителна штета и разурнување.
Денешниот потрес се случи на мала длабочина од 10 километри — исто како и претходниот земјотрес кој го погоди регионот во неделата на полноќ.
Ова е еден од најтешките земјотреси во Авганистан во последниве години, кој уништи цели села во оддалечени планински региони.
Тешкиот терен значително ги отежнува напорите за спасување и достава на помош во изолирани села.
Авганистанскиот Црвен полумесечина соопшти дека се стравува оти под урнатините има уште луѓе.
Координаторот на Обединетите нации во Авганистан предупреди дека бројот на жртви најверојатно ќе продолжи да расте.