„Северна Македонија можеби не е на радарот на секој патник, но нејзината тивкост ја прави идеален избор за бегство од секојдневието“, пишува Mirror, наведувајќи ја географската поставеност на земјата како еден од факторите за нејзиниот посебен шарм.
Во текстот се нагласува историјата и културната разновидност на земјата: „Земјата е богата со историја и културно влијание од Медитеранот, Балканот, Грција, Италија и Отоманската империја – уникатна фузија која ја прави една од највпечатливите нации во Европа“.
Покрај тоа, британскиот медиум истакнува дека „околу 80 отсто од територијата е покриена со планини и езера“, што ја прави идеална за авантуристички духови и љубители на активности на отворено – од планинарење до кајакарење.
„Љубителите на природата ќе се воодушеват и од дивиот свет, кој вклучува мечки, диви свињи, лисици, елени и над 200 видови пеперутки“, наведуваат оттаму.
Посебен фокус има и врз гастрономијата. „Националното јадење, тавче гравче – специјалитет со печен грав – е задолжително за пробување“, советуваат од Mirror.
Иако Охрид и околината може да бидат преполни во летните месеци, се нагласува дека „останатиот дел од земјата има скоро недопрен амбиент“.