Бразилската полиција утврдува „ДНК на златото“ за да го спречи шверцот од Амазонија

Бразилската федерална полиција вовела иновативен метод за утврдување потекло на златото, познат како „ДНК на златото“, со кој се надева дека ќе успее да го спречи нелегалното ископување и шверц на злато од амазонската прашума.

Оваа техника овозможува да се идентификуваат уникатни морфолошки потписи на златото, кои го поврзуваат металот со конкретните подрачја во Амазонија каде што се врши незаконско рударство. Програмата има за цел да ја прошири базата на податоци и да ги следи илегалните трансакции кои се случуваат не само во Бразил, туку и во соседните земји.

Со зголемувањето на цената на златото оваа година, поради глобалната политичка нестабилност и побарувачката за сигурни инвестиции, криминалните групи се подтикнати да инвестираат во нелегални активности, како што е шверцот и експлоатацијата на природни ресурси во Амазонија. Се проценува дека овие групи се вклучени во нелегално ископување и извоз на злато преку границите, најчесто за да избегнат контроли и проверка на пореклото во Бразил.

Техниката на „ДНК на златото“ која првпат беше успешно применета во 2023 година, дозволува да се утврди од кој рударски регион во Амазонија потекнува секој примерок злато, што е важно за поврзување на металот со оштетувањето на животната средина и незаконската експлоатација. Се очекува дека со проширувањето на програмата, која веќе се применува во Француска Гвајана и која се планира да се прошири во Колумбија, полицијата ќе може поефикасно да го следи златото што поминува низ неформалните канали на шверц.

Како резултат на зголемените напори на властите во Бразил, криминалните мрежи започнале да ја менуваат својата стратегијата, префрлајќи ги операциите од Бразил во соседни земји, особено Венецуела, каде што златото често се топи. Бразилската полиција ја применува новата методологија за да идентификува и заплени нелегално добиено злато, а со тоа да го намали бројот на шверцери.

Интерпол, поддржан од германската влада, започнал проект наречен „Gaia“ кој има за цел да ја обучи полицијата ширум светот за примена на оваа техника на идентификација. Оваа соработка меѓу државите треба да ја зајакне глобалната борба против нелегалното рударење и шверцување на злато, кој е значаен извор на финансирање за криминални мрежи и за перење пари.

Во текот на 2023 година, полицијата запленила рекорден број од 308 килограми злато, а веќе оваа година, од јануари до август, запленила 253 килограми злато, од кои половината е однесена во Венецуела. Властите сега се фокусирани на анализата на „ДНК“ на овие запленети примероци за да се утврди точното потекло и да се спроведат соодветни правни дејства против криминалците.

Како што се зголемуваат напорите за спречување на шверцот и илегалната експлоатација на злато, Бразил и неговите соседи продолжуваат да работат на заштита на амазонската прашума и на спречување на финансиските нелегални активности кои ја загрозуваат животната средина.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни