Силно невреме проследено со екстремни налети на ветер урна голема реплика на Статуата на слободата во градот Гуаиба, во јужниот дел на Бразил, во близина на Порто Алегре. Иако сцените од уривањето беа драматични и брзо се проширија на социјалните мрежи, надлежните потврдија дека нема повредени лица, пренесува The Statesman.
Репликата, висока 35 метри, беше поставена во 2020 година на паркингот пред трговски објект на ланецот Havan и со години важеше за една од препознатливите визуелни обележја на градот. Снимките од инцидентот покажуваат како статуата најпрво се ниша под силниот ветер, по што горниот дел се урива и паѓа на земја, додека возила поминуваат во непосредна близина.
На уривањето му претходеше црвено метеоролошко предупредување, издадено од локалните власти поради опасни временски услови. Цивилната заштита на сојузната држава Рио Гранде до Сул активираше итни протоколи и испраќаше предупредувања директно до граѓаните преку мобилни уреди, со апел да останат во затворени простории и да ги обезбедат домовите.
Според податоците на Националниот институт за метеорологија (Inmet), налетите на ветер во регионот надминале 90 километри на час, како резултат на комбинација од ладен фронт и силна атмосферска нестабилност.
Компанијата Havan соопшти дека безбедноста на граѓаните и вработените е нивен приоритет и дека специјализирани тимови веднаш биле испратени на терен за расчистување и техничка проверка. Од таму нагласија дека статуата била изградена согласно важечките безбедносни стандарди и со потребната документација.
„Статуата беше во функција од 2020 година и ги исполнуваше сите технички услови. Ќе спроведеме детална истрага за да се утврдат точните причини и да се спречат вакви инциденти во иднина“, соопшти портпарол на компанијата. Според првичните информации, постаментот висок 11 метри останал неоштетен, додека се урнал само горниот дел од статуата, висок околу 24 метри.
Уривањето на репликата е дел од пошироките последици на силната бура што го погоди регионот. Во повеќе градови во Рио Гранде до Сул беа пријавени поплави, оштетени кровови и прекини во сообраќајот. Локалните власти апелираат граѓаните да пријават штета и најавуваат дека внимателно ќе ја следат состојбата и во наредните денови.
Репликите на Кипот на слободата се дел од визуелниот идентитет на трговските центри на Havan низ Бразил и се градени по стандарди со идентична висина од 35 метри.
