Холандски суд донесе одлука да поништи брак склучен во април 2025 година, откако утврди дека говорот изговорен за време на венчавката бил генериран со помош на алатката за вештачка интелигенција ChatGPT и не ги исполнувал законските барања, пренесува Reuters.
Како последица на оваа одлука, бракот на двојка од градот Зволе е избришан од Матичната книга на венчани. Судот посочува дека, иако го разбира емотивното значење на датумот на венчавката за сопружниците, не може да ги игнорира јасните одредби од законот.
Судијата утврдил дека за време на церемонијата парот не дал изречна изјава дека ќе ги исполнува брачните обврски, што е задолжително според холандското законодавство. Според член 1:67, став 1 од Граѓанскиот законик на Холандија, идните сопружници мора јасно да ја изразат својата согласност за брак пред матичар и сведоци, изјавувајќи дека се прифаќаат како сопруг и сопруга и дека ќе ги исполнуваат сите должности што произлегуваат од брачниот статус.
Во овој случај, двојката сакала поопуштена и неформална церемонија, па побарала пријател да ја води венчавката. Тој, пак, се обратил до ChatGPT за помош при составување на „поперсонализирани“ завети. Сепак, говорот што бил генериран не содржел јасна правна обврска, туку бил фокусиран на емотивни пораки.
Во заветите, како што наведува судот, парот бил прашан дали ќе продолжат да се поддржуваат, да се задиркуваат и да се гушкаат дури и кога животот ќе стане тежок. Притоа, тие не биле прогласени за сопруг и сопруга, туку биле наречени „луд пар“.
Иако сопружниците поднеле барање судот да го признае оригиналниот датум на венчавката како правно важечки, повикувајќи се на нивната намера да стапат во брак и на емотивното значење на датумот, судот останал на ставот дека законските услови не биле исполнети.
Со тоа, официјално е утврдено дека брачните завети не претставувале валидна брачна заклетва според холандскиот закон.
