Брајан Меј објави дека имал мозочен удар

Гитаристот на групата Квин, сер Брајан Меј откри дека неодамна преживеал помал мозочен удар. Поради тоа не можел да ја користи левата рака, но музичарот сега вели дека е подобро.
Фото: Raph_PH, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

„Добрата вест е што можам повторно да свирам гитара“ вели Меј во видеото објавено на неговите социјални мрежи. Веста за мозочниот удар ја споделил за да ги запре шпекулациите поврзани со неговото здравје.

„Одненадеш, од ведро небо, немав никаква контрола врз мојата рака. Тоа беше страшно, морам да признаам“ изјави уметникот, кој не бил свесен дека има мозочен удар.

Тој додава дека добра вест е што сега се опоравува и ги слуша лекарите.

„Не смеам да излегувам, не смеам да возам, да летам со авион, не смее срцето да ми чука брзо“ вели Меј.

Музичарот додава дека не сакал да излегува во јавноста порано, за да не ги загрижи фановите, кои би му испраќале пораки за поддршка.

„Ве молам, немој да го правите тоа, бидејќи ќе ми го наполните инбоксот, а тоа го мразам“ се шегува Меј.

Минатата година кралот Чарлс на Брајан Меј му додели кралска чест и титула за неговите заслуги во музиката и хуманитарната работа.

Гитаристот, по образование е астрофизичар и е ангажиран во борбата за благосостојба на животните. Уште во 2022 година потврди дека ја добил титулата витез и дека се обврзува дека ќе го прави тоа што се очекува од носител на таква титула.

„Ќе се борам за правда, за луѓето кои немаат глас“ рече Меј.

Извор: Индекс.хр

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни