Болсонаро останува во притвор поради ризик од бегство

Врховниот суд на Бразил едногласно го продолжи притворот на поранешниот претседател поради ризик од бегство и непочитување на судството

Врховниот суд на Бразил денеска едногласно гласаше за продолжување на полицискиот притвор на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, откако судијата Александар де Мораиш во саботата нареди негово притворање поради ризик од бегство.

Судијата Де Мораиш го поддржа продолжувањето на притворот, истакнувајќи дека Болсонаро „намерно и свесно“ ги прекршил правилата за користење на електронска алка на ногата, објави CNN Brazil.

Мораиш додаде дека поранешниот претседател признал дека манипулирал со уредот, што претставува „сериозен прекршок и отворено непочитување кон судството“.

Во своето гласање, судијата Флавио Дино, исто така, ги наведе прекршувањето на употребата на алката  и организацијата на стража од страна на синот на Болсонаро, истакнувајќи дека бегствата на сојузници како Карла Замбели, Александар Рамадзем и Едуардо Болсонаро покажуваат „длабока неодговорност кон државните институции“.

Одбраната на поранешниот претседател тврди дека манипулацијата со електронската алка била резултат на „ментална конфузија“, односно параноја и халуцинации предизвикани од несоодветна комбинација на лекови против икање.

Болсонаро на сослушувањето изјави дека мислел дека во алката е поставен уред за прислушкување и дека само се обидел да го отвори капакот, а не да го отстрани.

Адвокатите истакнуваат дека дури и ако уредот се расипе, поранешниот претседател нема да може да ја напушти резиденцијата, која е под постојан надзор на федералната полиција и се наоѓа во затворен комплекс.

 Жаир Болсонаро од саботата е во посебна ќелија во зградата на Федералната полиција во Бразилија откако наводно се обидел да ја оштети електронската алка на ногата со алатка за лемење.

Во септември, Болсонаро беше осуден на 27 години и три месеци затвор за обид за државен удар по поразот на претседателските избори во 2022 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни