Во насилното задушување на протестите во Иран, кои избувнаа на почетокот на јануари, животот го загубил и 28-годишниот боксер и тренер по бокс Мохамад Салех Зариф Могадам. Според сведоштвото на неговото семејство за Дојче веле (DW), тој бил убиен со истрел во глава, а неговите најблиски биле принудени да платат висока сума пари за да го преземат неговото тело.
Трагедијата се случила на 8 јануари, за време на еден од најкрвавите бранови на протестите кои првично започнаа поради економски причини, а брзо прераснаа во политички бунт против власта. Најжестоките судири, според официјални и независни извори, се случиле токму ноќта меѓу 8 и 9 јануари.
Тетката на убиениот, Фарзанех, која живее во Келн, за DW раскажува дека нејзиниот внук вечерта излегол од домот во Техеран со намера да се приклучи на протестите, но никогаш не се вратил. Контактот со семејството бил невозможен со денови поради блокадата на интернетот и меѓународните комуникации, воведена од иранските власти.
Според сведоштво на лице кое преживеало, Мохамад Салех бил пресретнат во населбата Арија Шахр од припадници на паравоената формација Басидж, под контрола на Револуционерната гарда. Најпрво бил погоден со куршум во телото, а додека лежел повреден на земја, му бил испукан истрел во глава.
Меѓународните медиуми и организации за човекови права известуваат дека иранските власти во повеќе случаи барале од семејствата на убиените да платат т.н. „надомест за муниција“ или да потпишат изјави дека нивните блиски биле припадници на безбедносните сили, а не демонстранти. Семејството на Мохамад Салех, според тврдењата на неговата тетка, одбило да потпише таква изјава.
Првично, властите побарале 700 милиони томани (околу 4.260 евра) за предавање на телото, а по неколкудневни преговори, сумата била намалена на 200 милиони томани (околу 1.220 евра). Погребот бил извршен на 19 јануари, под строга контрола, на главните гробишта во Техеран.
Бројот на жртвите од протестите и натаму останува нејасен. Американската организација за човекови права HRANA соопшти дека досега потврдила над 4.500 загинати, додека илјадници случаи сè уште се истражуваат. Иранските власти, пак, признаа дека бројот на жртви изнесува најмалку 5.000 што претставува ретко и невообичаено признание од страна на режимот.
Новинарите на DW наведуваат дека овие бројки не можат независно да се проверат, бидејќи на странските медиуми им е оневозможено слободно известување од Иран.
