Голем број припадници на полицијата и жандармеријата се распоредени во и околу зградата на Филозофскиот факултет во Нови Сад, каде што во тек е студентска блокада поради отказот што ѝ беше врачен на професорката Јелена Клеут.
Студентите претходно денеска објавија дека го блокираат факултетот во знак на протест против одлуката на управата.
Полицијата влезе во зградата, се применува сила
Според информации на телевизијата Н1, интервентната полиција почнала да ги потиснува присутните од внатрешноста на зградата на факултетот, при што, според сведоштва од терен, била употребена и сила.
Во меѓувреме, на локацијата пристигнаа и бројни припадници на Жандармеријата, кои формираа полициски кордони околу објектот. Пред влезот се наоѓаат студенти и професори, додека во самата зграда, заедно со полицијата, се присутни претставници на управата и дел од студентите.
Засилување на полициските сили
Очевидци јавуваат дека кон факултетот пристигнале најмалку десет полициски комбиња („марици“) и еден автобус со полиција, а полициски службеници влегле во објектот преку повеќе влезови. Во околината се слушала силна врева додека силите се распоредувале.
Управата бара прекин на блокадата
Деканот на Филозофскиот факултет, Миливој Алановиќ, изјави дека блокадата мора да престане, во спротивно управата ќе биде принудена да преземе мерки за да продолжи работата на факултетот.
Продеканот Дејан Пајиќ ги повика студентите да се откажат од блокадата и предупреди дека од нив зависи „дали ќе гледаме сцени како на 5 септември“, алудирајќи на претходни насилни интервенции на полицијата за време на студентски протести.
