Конфликтот на Блискиот Исток дополнително ескалира, откако САД потопија ирански воен брод во Индискиот Океан, додека Иран и Хезболах започнаа координирани ракетни напади врз Израел.
Според изјавата на заменик-министерот за надворешни работи на Шри Ланка, најмалку 80 лица загинале во нападот врз иранскиот брод, на кој според документацијата се наоѓале околу 180 луѓе.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека САД го потопиле бродот со торпедо, додавајќи дека пловилото се наоѓало во меѓународни води.
Израелската армија соопшти дека Иран и либанската група Хезболах за првпат извршиле координирани напади од почетокот на новиот конфликт.
Според израелските одбранбени сили, една ракета била лансирана од Иран, додека шест проектили (меѓу кои и дронови) биле испукани од Либан.
Нападите активирале сирени за тревога во Тел Авив и Ерусалим, а дел од проектилите биле пресретнати од израелската противвоздушна одбрана.
Од сругата страна пак, на брифинг во Пентагон, Хегсет изјави дека САД имаат целосна воена предност во конфликтот.
„Америка победува – решително, разорно и без милост“, изјави тој, додавајќи дека американските сили во изминатите денови уништуваат ирански воени капацитети.
Тој предупреди дека во наредниот период се очекуваат нови и уште поголеми бранови напади.
Последните настани покажуваат дека ситуацијата на Блискиот Исток продолжува брзо да ескалира, со напади на повеќе фронтови и растечка опасност од поширок регионален конфликт.