Битола Отворен Град 2025 започна: 24 издание што не се фали со бројки – туку со значење

Фестивалската програма продолжува со содржини што не се по вкус на алгоритми – туку на луѓе со изграден однос за култура

Со утрински прес и отворање на изложбата „When Do I Stop?“ од визуелниот уметник Харис Муриќ, денес започна 24. издание на Битола Отворен Град – фестивалот што веќе четврт век не е само културен настан, туку платформа за гласови, генерации и изрази што одбиваат да бидат маргинализирани.

На пресот зборуваа директорот на МКЦ-Битола Сашо Додовски, извршниот директор Златко Талевски, како и самиот автор Харис Муриќ, кој пред битолската публика се претставува со избор на 25 постери – резултат на едногодишен креативен предизвик, во кој секоја недела од 2024 година создал по едно дело.

„Фестивалот не постои за да создаде тренд – туку за да не исчезне културниот континуитет,“ истакна Додовски. „Битола Отворен Град е дел од идентитетот на МКЦ и на самата Битола – упорна точка на културна автономија што не се прилагодува на шаблони, туку ги создава.“

Талевски додаде: „Секоја година се менува сè – освен потребата младите да имаат сцена, простор, збор. Овој фестивал постои токму за нив. За оние што први пуштаат звук, што први излегуваат на сцена, што го прават првиот чекор.“

„Прекумерната изложеност на комерцијален дизајн ми го роди копнежот за нешто поинтроспективно. Овој проект беше мојата можност да бидам и автор – и свој клиент. Да создадам визуелна поезија што дише различно секоја недела,“ истакна Муриќ.

Роден во Гостивар, а веќе една деценија дел од скопската креативна сцена, Муриќ својата прва самостојна изложба ја отвори претходно во галеријата на КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Делата што сега ги изложува во Битола се меѓу најинтимните досега – постери што инспирацијата ја црпат од музика, фотографии, книги, внатрешни борби и тишината на првото утринско кафе. Некои говорат гласно, некои тивко, но сите оставаат простор за размислување.

„AI може да биде алатка,“ рече Муриќ на новинарско прашање, „но не и идеја. Не и визија. А уште помалку личен печат.

“ Изложбата „When Do I Stop?“ е поставена во МКЦ Битола и ќе биде достапна до крајот на фестивалот.

Фестивалската програма продолжува со содржини што не се по вкус на алгоритми – туку на луѓе со изграден однос за култура:

Четврток, 26 јуни

11:00 – DJ работилница со Herzel (Porta Jazz)

22:00 – Концерт на Gnezdo FM Jam Orchestra, кај пешачкиот премин кај х. Епинал, Широк Сокак

Петок, 27 јуни

11:00 – Работилница за поезија со Марија Бошковска (МКЦ Битола)

21:00 – DJ сетови со DJ Goce, DJ Chvare, Double G (Пацио на НУ Музеј Битола )

Сабота, 28 јуни

11:00–17:00 – Берза на винили со DJ Chiko (Кафе бар Јагода)

21:00 – Концерт на млади бендови: PrekuRed, Tsar Von Time, Mamut (Скејт парк, Шеталиште Битола)

Битола Отворен Град 2025 не е викенд-фестивал, туку град што останува отворен за културата, уметноста и зборот што менува.

Фестивалот е поддржан од Општина Битола и бизнис секторот на градот Битола. Влезот на сите настани и за сите локации е бесплатен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни